Hüseyin Burak Demirer
13 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
ЊУЈОРК
Леброн Џејмс, НБА-ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, го собори рекордот на Карим Абдул-Џабар и збирно постигна најмногу поени во регуларната сезона и во плејофот на американската Национална кошаркарска лига (НБА), известува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е нов успех на 37-годишниот Леброн Џејмс, кој четири пати беше шампион во НБА-лигата и собра по четири признанија за најдобар играч во регуларната сезона и најдобар играч во плејофот.
Џејмс синоќа во поразот на ЛА Лејкерс од Голден Стејт Вориорс постигна 26 поени, со што дојде до бројката од 36.526 поени во регуларниот тек на НБА-сезоната, а од претходно е рекордер со 7.631 поен во плејоф доигрувањата.
Сега Џејмс со 44.157 поени постигнати во текот на редовните сезони и во доигрувањата, го надмина Абдул-Џабар, кој во тие две фази во својата професионална кариера постигна вкупно 44.149 поени.
На листата на кошаркари кои во НБА-лигата постигнале најголем број поени во својата кариера по Џејмс и Абдул-Џабар следуваат Карл Малоун со 41.689, Коби Брајант со 39.283 и Мајкл Џордан со 38.279.