Oktaj Omeragikj
10 Септември 2023•Ажурирај: 11 Септември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва фудбалската репрезентација на Северна Македонија во Скопје го пречека европскиот првак, селекцијата на Италија. Двете селекции одиграа натпревар во рамките на групата Ц од квалификациите за пласман на Европското првенство во фудбал ЕВРО 2024, на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Според официјалните податоци што ги сподели Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на стадионот имало 28.000 навивачи, известува Анадолу.
На почеток на средбата, веќе во третата минути Италија се закани. Николо Барела успеа да ја затресе мрежата на Северна Македонија, но судијата го поништи голот поради офсајд.

Италија продолжи со добрата игра и во 14-тата минута имаше нова шанса за водство, но одбраната на македонската селекција ја расчисти опасноста пред голот. Следеше првиот корнер за Италија по кој Брајан Кристанте упати удар со глава кон голот на С.Макеоднија. Голманот Столе Димитриевски беше совладан, топката се одби од дирекот, го удри македонскиот голман во грб, но не заврши во мрежата.
Во 19 минута, селекцијата на Северна Македонија организираше извонредна контра предводена од Алиоски. Тој по левата страна упати центаршут пред голот на Италија, но Бојан Миовски со глава не успеа да ја затресе мрежата на Италија.
И двете репрезентации имаа свои шанси, но ниту една не успеа да постигне гол и првото полувреме заврши нерешено, 0:0.

Треба да се каже дека теренот на арената „Тодор Проески“ беше многу лош, нерамен и со многу дупки, што создаваше опасност од повреда на некој од фудбалерите. Таа опасност најдобро ја почувствува македонскиот голман Димитриевски. Кон крајот на првото полувреме Димитриевски интервенираше пред својот гол, но притоа коленото му заглави во една од дупките на теренот, повредувајќи ги коленото и кичмата, но го продолжи натпреварот.
На почетокот од второто полувреме, во 47. минута од средбата, Италија поведе со 0:1. Голот за гостите го постигна Чиро Имобиле.

Во 68. минута, по корнерот што го упати Алиоски од левата страна, топката дојде до Барди, кој беше соборен пред голот на Италија, a топката се стркала пред Елмас. Тој се обиде да ја пласира топката во десниот дел од голот, но не успеја да ја затресе мрежата на Донарума.
Во 74. минута следеше нов налет на С. Македонија. Италијанскиот репрезентативец Сандро Тонали го собори Димоски пред голот на Донарума од десната страна. Ударот на Алиосни заврши во живиот ѕид, а одбиената топка Елмас слабо ја удри, и не претставуваше закана за италијанскиот чувар на мрежата.

Во 80. минута Македонија сепак дојде до посакуваниот гол. Елмас беше соборен по левата страна на шеснаестерецот на Италија. Судијата досуди слободен удар, а Енис Барди тоа го изведе перфектно и со ефектен удар ја затресе мрежата на Италија за изедначување на резултатот на 1:1.
По изедначувачкиот погодок, Италија ја интензивираше играта, а Македонија успешно се бранеше, изведувајќи повремени заканувачки контранапади.

Шесте минути од судиското продолжение им припадна на фудбалерите на Италија. Гостите формираа вистинска опсада пред голот на Димовски, но македонските репрезентативци успеаја да го заштитат својот гол и да освои голем бод против европскиот првак Италија.