Nur Asena Ertürk,Can Erözden
07 Септември 2023•Ажурирај: 08 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Руското знаме не може да се вее на Олимпијадата следното лето во Париз, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Анадолу.
„Русија нема место (на Олимпијадата) во време кога врши воени злосторства и депортира деца“, изјави Макрон за францускиот спортски дневен весник „Л'Екип“.
Макрон изрази целосна поддршка во одлуките на Олимпискиот комитет за спортистите кои учествуваат на игрите како поединци, мислејќи на спортистите од Русија и нејзиниот сојузник во воените активности, Белорусија, кои може да се натпреваруваат само индивидуално, а не под знамињата на своите држави.
Тој призна дека руските спортисти кои се подготвувале за Олимписките игри цел живот би можеле да бидат жртви на оваа ситуација.
За тоа како да се одредат спортистите кои ја поддржуваат Москва и оние кои се жртви на постапките на Москва, тој рече: „Ова е вистинското прашање, и олимпискиот свет има одговор за тоа.“
„Ова е балансирање што мораме да го направиме“, додаде тој.
Париз ќе биде домаќин на Летните олимписки игри следната година од 26 јули до 11 август.
Тоа ќе биде трет пат француската престолнина да биде домаќин на олимписки игри, но со празнина од речиси еден век; последен пат беа одржани во 1924 година.
Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.
Како дел од санкциите, руските спортски клубови и репрезентации беа исклучени од фудбалските натпреварувања на ФИФА и на УЕФА.
Рускиот национален тим претходно беше дисквалификуван од првенството за жени ЕВРО 2022 и беше заменет со Португалија.
Руските клубови и тимови не можат да играат меѓународни фудбалски и кошаркарски натпревари, меѓу кои и Лигата на шампиони на УЕФА, Евролигата во кошарка на Туркиш ерлајнс и ЕВРО 2024 - Европското фудбалско првенство следната година во Германија.
Во тениските турнири, меѓу кои и Френч опен (Роланд гарос) - руските и белоруските спортисти се натпреваруваат под неутрално знаме.