Şenhan Bolelli
27 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
МАДРИД (АА) - Навивач на Интер го загуби животот, откако го прегази автомобил во пресметката помеѓу навивачите на двата клуба која се случи синоќа пред дуелот помеѓу екипите на Интер и Наполи, од 18. коло на италијанската 1. Фудбалска лига (Серија А), јавува Anadolu Agency (AA).
Марчело Кордона, шефот на полицијата на Милано, на одржаната прес-конференција истакна дека синоќа еден навивач на Интер го загубил животот, откако бил прегазен од автомобил, во пресметката помеѓу навивачите на двата клуба, додека еден навивач на Наполи бил прободен со нож. Пресметката се случила пред започнување на натпреварот помеѓу Интер и Наполи.
Кордона нагласи дека пред натпреварот, автобусот со групата навивачи на Наполи бил нападнат од навивачите на Интер. Тој, исто така нагласи дека пресметката се случила откако навивачите на Наполи се симнале од автобусот за да одговорат на нападите. Шефот на полицијата додаде дека за време на бркотниците по улиците, 35-годишниот навивач на Интер бил прегазен од автомобил. Тој бил донесен во болница каде што им подлегнал на повредите.
Кордона истакна дека ќе побара до крајот на фудбалската сезона навивачите на Интер да не одат на гостување и трибините на Интер да бидат затворени за навивачи до март 2019 година.
„Никој не смее да биде убиен затоа што отишол да гледа натпревар. Во месец јануари ќе имам состанок со претставниците на навивачките групи на екипите од Серија А и Серија Б“, нагласи Матео Салвини, италијанскиот министер за внатрешни работи.