Dejan Maksimoviç
25 Мај 2017•Ажурирај: 25 Мај 2017
СТОКХОЛМ (AA) – По синоќешната победа на неговиот тим во финалето од Лига Европа менаџерот Жосе Мурињо како многу добра ја оцени сезоната за Манчестер Јунајтед иако призна дека во одредени моменти од сезоната мислел дека тој како тренер и неговиот тим се најлоши на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во финалето од Лига Европа на „Френд" арената во Солни, во близина на Стокхолм, Манчестер Јунајтед со 2:0 го совлада Ајакс и со Јувентус, Баерн, Челзи и синоќешниот ривал, стана петиот клуб кој во своите витрини ги има сите европски пехари. Стрелците на головите беа Паул Погба во 18. минута и Мекхитарјан во 46. минута од натпреварот.
„Во лошата сезона, во сезоната во текот на која самиот понекогаш сметав дека мојот тим е најлош на светот и дека сум најлошиот менаџер на светот, освоивме три трофеи. Одиме во Лигата на шампионите со освоениот трофеј, а некако другите, трети или четврти во првенството. Чест ми е што ќе го играме Суперкупот на Европа и ќе играме против новиот победник од Лигата на шампионите. Сметам дека сезоната беше многу добра", рече Мурињо, пренесуваат британските медиуми.
Португалскиот тренер претходно ја освојуваше Лигата на шампионите со Порто и Интер, како и УЕФА Купот со Порто и шампионски титули на Шпанија, Португалија и Италија. Но, вели дека триумфот со Јунајтед во Лига Европа е неговиот најголем успех досега.
„За мене, ова е најважниот трофеј во мојата кариера, бидејќи е последен што го освоив. Тоа е начин на кој гледам на работите", истакна Мурињо во свој стил.
Пехарот на Лига Европа е 25. трофеј во тренерската кариера на Мурињо а 56. во историјата на Манчестер Јунајтед.