Bedrudin Brljavac
10 Јуни 2024•Ажурирај: 11 Јуни 2024
АНКАРА (АА)
Европското фудбалско првенство (ЕВРО 2024), кое првпат се одржа во 1960 година и оттогаш се организира на секои четири години, оваа година ќе се одржи во Германија, во периодот од 14 јуни до 14 јули, известува Анадолу.
Во групата Б на годинашното 17. Европско првенство во фудбал силите ќе ги одмерат селекциите на Шпанија, Италија, Хрватска и Албанија.
Европското првенство во 2024 година ќе биде отворено со натпреварот меѓу селекциите на Германија и Шкотска. Средбата е закажана за 14 јуни на „Алијанц арена“ во Минхен, со почеток во 21 часот.

- Шпанија
Шпанија е една од најуспешните репрезентации во историјата на европскиот фудбал, а досега учествувала на 11 ЕП. Шпанците, како и Германија, домаќин на годинашниот турнир, имаат најголем број освоени титули на европските првенства.
Репрезентацијата на Шпанија беше европски шампион во 1964, 2008 и 2012 година и важи за еден од фаворитите за освојување на титулата на годинашното првенство во Германија.
- Италија
Репрезентативците на Италија ја бранат титулата европски првак, а годинава третпат ќе се обидат да ја освојат титулата шампион на стариот континент.
Италија го освои Европското првенство во 1968 и 2020 година, а двапати беше учесник во финалето и полуфиналето.
- Хрватска
Хрватска освои второ и трето место на последните две ФИФА светски првенства, а на годинашното ЕП се најде во многу тешка група.
Хрватската репрезентација учествуваше на шест од седумте европски првенства одржани по распадот на Југославија, а најдобрите резултати ги постигна со учеството во четвртфиналето во 1996 и 2008 година.
- Албанија
Албанија вторпат избори пласман во завршницата на европските првенства. Таа претходно на ЕП 2016 се прости од турнирот веќе во групната фаза со победа и два пораза.
Репрезентацијата на Албанија е меѓу селекциите што последните години забележаа значителен напредок во светскиот фудбал и извесно е дека на ова ЕВРО ќе се обидат да дадат сѐ од себе за да ја минат групата, за која се вели дека е најтешка на ова првенство.