Doğa Kırmızıoğlu
05 Јули 2021•Ажурирај: 07 Јули 2021
АНКАРА
Денес продолжува возбудата на 16. Европско фудбалско првенство ЕВРО 2020 со првиот полуфинален натпревар, известува Агенција Анадолија (АА).
Полуфиналните натпревари и финалето на ЕВРО 2020 во фудбал, од кое се збогуваа голем број фаворити, како што се фудбалските репрезентации на Франција, Белгија, Германија и Португалија, ќе се играат на стадионот „Вембли“ во Лондон. Полуфиналните натпревари и финалето ќе можат на трибините да ги следат над 60.000 навивачи.
Во првиот полуфинален натпревар се среќаваат две искусни репрезентации, тимовите на Италија и Шпанија. Натпреварот се игра денес со почеток во 21:00 часот, а средбата ќе ја суди германскиот судија Феликс Брих.
Италија ја освои својата единствена титула Шампион на Европа во 1968 година, додека уште двапати, во 2000 и 2012 играше во финалето, но не успеа да се закити со титулата.
Меѓу најуспешните репрезентации на досегашните фудбалски првенства е Шпанија, која досега трипати ја има освоено шампионската титула, и тоа во 1964, 2008 и 2012 година. Шпанија ќе се бори против Италија за пласман во финалето и борба за својата четврта титула.
Досега овие две репрезентации имаат одиграно 33 меѓусебни дуели. Шпанија извојувала 12 победи, 12 среби завршиле безб победник, а репрезентацијата на Италија славела на 9 натпревари.
- Англија цели кон својата прва титула, Данска кон втората
Во вториот полуфинален натпревар на ЕВРО 2020 во фудбал се среќаваат репрезентациите на Англија и Данска. Натпреварот се игра на 7 јули со почеток во 21:00 часот.
Англија ја има предноста на овој натпревар да игра пред својата публика. Најголемиот успех на репрезентацијата на Англија е третото место на првенството одржано 1968 година, додека во 1996 година во полуфиналето загуби од Германија. Доколку Англија успее да ја совлада Данска, тоа ќе биде прво финале за Англија на европските фудбалски првенства.
Репрезентацијата на Данска ќе се обиде со победа над Англија да се пласира во финалето, со цел да го повтори успехот од 1992 година кога со 2:0 ја совлада Германија и стана Шампион на Европа во фудбал.
Англија и Данска досега имаат одиграно 21 меѓусебна средба. Англија извојува победа на 12 средби, 5 натпревари завришја нерешено, а Данска успеа да слави над Англија на 4 натпревари.
Репрезентациите што ќе извојуваат победа на полуфиналните натпревари ќе играат во финалето на ЕВРО 2020 во недела, 11 јули. Средбата започнува во 21:00 часот.