Furkan Abdula
06 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Селекторот на фудбалската репрезентација А на Северна Македонија, Игор Ангеловски, како и капитенот на оваа репрезентација, Горан Пандев, одржаа прес-конференција во пресрет на натпреварот меѓу Северна Македонија и Полска во Групата Г во квалификациите за ЕВРО 2020, кој ќе се одигра утре во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Ангеловски истакна дека е среќен како човек и како тренер што работи со вакви фудбалери и личности.
„Навистина е задоволство да се работи во таква атмосфера. Како на претходните натпревари, така и на утрешниот, ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат“, рече Ангеловски, опишувајќи ја репрезентацијата на Полска како квалитетна репрезентација.
„Јас постојано им велам на моите фудбалери дека воопшто не е важно со кого играме, туку дека е важно за што играме и како ќе играме. Знам дека утре тие ќе излезат на терен и ќе го остават срцето на терен, борејќи се за секоја топка, борејќи се до последен атом од своите сили, со цел да стигнеме до позитивен резултат“, нагласи Ангеловски, истакнувајќи дека утре ќе бара од фудбалерите да играат максималмно агресивно и офанзивно.
Капитенот Пандев рече дека се концентрирани во натпреварот против Полска, и дека се подготвуваат добро за овој дуел.
„Се подготвуваме добро, знаеме дека нѐ чекаат два тешки натпревари. Концентрирани сме само на полската репрезентација, и овој натпревар може да ни го покаже вистинскиот пат во нашите квалификации. Ако ги победиме Полјаците, ќе имаме шанси да се пласираме на едно големо натпреварување“, додаде Пандев.
Тој нагласи дека мечот со Полска ќе биде тежок, но според него, за овој меч се подготвуваат исто како и за сите други натпревари.
„Се надевам дека со помош на публиката можеме да ги добиеме Полјаците“, истакна Пандев.
Запрашан дали победата на ракометарите на Вардар има влијание врз нив во наредните два натпревари, Пандев истакна:
„Вардар направи успех кој некоја наша екипа тешко ќе го направи во спортот во земјата. Сигурно дека за нас е голем мотив, видовме колку луѓе ги пречекаа, видовме дека земјата живее со спортот. Наша желба е да се пласираме на Европското првенство, и нас толку луѓе да нѐ пречекаат на плоштадот. Нѐ очекуваат два исклучително тешки натпревари.“
Пандев рече дека репрезентацијата е квалитетна, и дека е најдобра генерација од репрезентациите во кои играл досега.
„Ова се вистински натпревари за да го докажеме нашиот квалитет. Бидејќи оваа репрезентација има победнички менталитет“, додаде Пандев.