Dejan Maksimovic
22 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
МАНЧЕСТЕР (АА) - Рајан Гигс, човекот со најмногу настапи во дресот на Манчестер Јунајтед, верува дека импресивниот почетокот на сезоната на клубот во којшто ја помина целата играчка кариера значи дека составот на Жозе Мурињо ќе биде многу тешко да се запре во походот кон титулата шампион на Англија, јавува Anadolu Agency (AA).
Гигс е легенда на клубот од „Олд Трафорд“, чиј дрес го носеше од 1990 до 2014 година, до заминувањето во спортска пензија. Во тој период одигра 963 официјални натпревари за „црвените ѓаволи“, во што е клупски рекордер, и освои 13 титули шампион на Англија. Значи, многу добро знае како се освојуваат пехарите во Премиер лигата.
„Кога екипата на Жозе Мурињо ќе тргне напред, ќе биде тешко да се запрат. Тоа го правеше и во минатото и му оди одлично. Исто така, има многу искуство во тимот и сите ќе ја одиграат својата улога за време на сезоната. Мајкл Карик и Ешли Јанг сѐ уште немаат играно, но го имаат тоа искуство да даваат поддршка и да бидат играчи од доверба. Крис Смолинг и Давид де Хеа, исто така го имаат тоа искуство на освојување на Премиер лигата“, вели Гигс во својата анализа за „Sky“ (Скај) и додава:
„Изгледаат силно со Немања Матиќ и Ромелу Лукаку, но она што е добро да се види е дека креативните играчи сѐ подобро ја вршат својата работа. Хенрих Мхитарјан веќе има четири асистенции и тоа ќе му помогне да се врати во формата што ја имаше во Борусија Дортмунд. Тука има многумина играчи кои можат да постигнат голови, што е клучно во борбата за титулата. Хуан Мата погодува од година во година, тука учествува и Антони Марсијал, а кога на забавата ќе се придружат Маркус Рашфорд и Мхитарјан, тогаш имате многу опции. Не мора да се потпирате само на Лукаку“.
Манчестер Јунајтед во првите две кола на Премиер лигата оствари две победи со резултат 4:0. Прво на Олд Трафорд настрада Вест Хем, а потоа на гости Свонси. „Црвените ѓаволи“ се први на табелата со шест бода, колку што имаат и Хадерсфилд Таун и Вест Бромвич Албион.