Dejan Maksimoviç
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Фудбалерите на Манчестер јунајтед синоќа во дербито од седмото коло од Премиер лигата на „Олд Трафорд“ одиграа 1:1 против Арсенал, со што славниот клуб го имаше својот најлош старт во последните 30 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јунајтед под водство на Оле Гунар Солскјаер стигна до деветтиот бод по седум натпревари. Ова е првпат „црвените ѓаволи“ да не освојат двоцифрен број поени по седум кола уште од сезоната 1989/90, која ја завршија на 13. место. Но, Солскјаер сепак гледа напредок во играта на неговиот тим.
„Има многу нешта што можеме да ги погледнеме кои ми даваат самодоверба. Можеме да зборуваме за настапите, но резултатите се важни. Можам да говорам за шест до седум добро одиграни натпревари. Дуелот против Вест Хем беше најлош, но не толку како што изгледа“, рече Солскјаер и додаде:
„Колку пати оваа сезона сме биле во водство 1:0, а не постигнавме друг гол? Ова е стрмна крива линија на учење за нас и ние ќе продолжиме напорно да работиме, а со повеќе искуство ќе носиме правилни одлуки. Не излегувавме доволно брзо од блоковите во второто полувреме. Се чувствуваше дека Арсенал беше повеќе проактивен сè до својот гол“.
Јунајтед дојде во водство со голот на Скот Мектоминај во 45. минута, а бод за Арсенал донесе Пјер-Емерик Обамејанг во 58. минута по големата грешка на одбраната на домаќините.
По седум одиграни кола, Арсенал е на 4. место со 12 бода, а Манчестер јунајтед е на 10. место со три бода помалку. Лидерот на табелата, Ливерпул, има максимални 21 бод.