Dejan Maksimoviç
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
МИНХЕН (АА) - Баерн Минхен одлучи да го задржи Кингсли Коман (20), кој во клубот пристигна како позајмен играч од Јувентус. Во договорот постои клаузула, според којашто баварскиот клуб мора да го активира до крајот на април, а Карл-Хајнц Румениге потврди дека ќе го направи тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Коман во 2015 година пристигна од „старата дама“, како позајмица во период од две години, а сега Баерн одлучи со него да потпише траен договор, па за обештетување ќе мора да издвои 21 милион евра.
„Коман е важен елемент за изградба на нашиот тим во иднина, па затоа решивме да ја активираме клаузулата. Коман е играч со голем потенцијал. Ние сме убедени дека ќе ни помогне и во годините што доаѓаат“, изјави Румениге.
По потпишувањето на договорот со Баерн, младиот Французин ќе остане во клубот до 2020 година. За Баварците досега одигра 58 натпревари и постигна осум гола.