Abdullah Tevge
25 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
ИСТАНБУЛ
Англиските фудбалски клубови најавија привремен бојкот на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм и на тој начин протестираат поради сè поинтензивните киберзлоупотреби и дискриминаторска реторика на тие мрежи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фудбалската федерација на Англија соопшти дека фудбалските клубови во таа земја ќе ги затворат своите официјални профили на Фејсбук, Твитер и Инстаграм во период од 15 часот на 30 април до 23:59 часот на 3 мај.
Во соопштението се наведува дека во бојкотот ќе учествуваат клубовите од елитната Премиер лига, но и сите клубови од понискорангираните натпреварувања.
Повеќето англиски клубови веќе ја потврдија поддршката на бојкотот, чија цел е испраќање порака на раководствата на социјалните мрежи дека мораат да направат повеќе напори во спречувањето на омразата на интернет-платформите.
Фудбалската јавност на Англија во февруари објави отворено писмо во кое ги повика раководствата на социјалните мрежи подобро да ги филтрираат агресивните содржини, побрзо да ги блокираат непримерните содржини и да го заострат процесот на проверка при пријавување на новите корисници.