Admir Fazlagic
10 Јуни 2017•Ажурирај: 11 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во пресрет на утрешниот квалификациски натпрвар помеѓу репрезентациите на Македонија и Шпанија, од „Г" групата за Светското првенство 2018 во Русија, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски заедно со капитенот на репрезентацијата Горан Пандев, одржа прес конференција на која зборуваше за очекувањата од утрешниот натпревар, јавува Anadolu Agency (AA).
Селекторот Ангеловски вели дека репрезентативците се комплетно подготвени да се соочат со големиот фаворит, Шпанија.
„Играме против репрезентација која сметам дека е меѓу четирите најдобри во светот. Но, без разлика на моќта на противникот, очекувам моите фудбалери да дадат се од себе. Нема потреба за некаква дополнителна мотивација, самиот противник ни ја дава потребната“ , рече Ангеловски, додавајќи дека македонската репрезентација е подготвена да одговори на предизвикот.
„Играме во Скопје, така да и двете селекции имаат исти услови за фудбал. Имавме доволно можност да ја анализираме тактиката на Лопетеги, и сметам дека ќе ги откриеме и искористиме грешките на шпанските фудбалери“, додаде Ангеловски.
Капитенот македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев рече дека смета дека има простор за изненадување против репрезентација каква што е Шпанија.
„Знаеме дека не очекува тежок натпревар, играме против еден од фаворитите во нашата група. Ќе биде тешко, но се поготвувавме 10 дена и максимално сме подготвени, нема што да загубиме, ќе се обидеме да го дадеме својот максимум“ , изјави Пандев на денешната прес конференција.
Капитенот Пандев го издвои Давид Силва како најопасен играч од составот на репрезентацијата на Шпанија, но вели дека и напаѓачот Илија Несторовски ќе им прави проблеми на шпанската одбрана.
„Шпанците негуваат офазивен, технички фудбал… Како и претходно со истата филозофија продолжува и селекторот Лопетеги, но ако морам да издвојат поединец, мислам дека Давив Силва ќе биде најголемата закана за нашата одбрана", истакна Пандев.
Во групата „Г" за Светското првенство 2018 во Русија заедно со репрезентациите на Македонија и Шпанија се и репрезентациите на Италија, Израел,Албанија и Лихтенштајн.
Националните фудбалски тимови на Македонија и Шпанија досега одиграле шест меѓусебни натпревари и во сите шест Шпанците биле подобри.
Инаку, утрешниот натпревар меѓу Македонија и Шпанија се игра утре со почеток од 20:45 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.