Murat Kaya
14 Април 2023•Ажурирај: 16 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Националната спортистка на Турската голф-федерација (TGF), Дениз Сапмаз, се прослави со националните и меѓународните успеси што ги постигна на 13-годишна возраст, пишува Анадолу.
Дописникот на АА разговараше со Сапмаз, една од спортистките од голф-клубот Аташехир, за нејзините достигнувања и цели.
Изјавувајќи дека нејзините родители биле голфери во голф-клубот Аташехир, Сапмаз рече дека уште од детството секојдневно доаѓала во овој клуб, каде се запознала со овој спорт, кој ѝ го привлекол вниманието.
Изјавувајќи дека се стекнала со многу пријатели со кои се дружела во голф-клубот, Дениз Сапмаз рече: „Бројот на моите врсници и пријатели сѐ повеќе се зголемуваше и заедно се забавувавме. Потоа почнав малку посериозно да се занимавам со овој спорт. Сè уште се забавувам додека тренирам, но повеќето денови тоа го сфаќам сериозно. Но потребно е и да се забавувате.“

На прашањето каков спорт е голфот и каков совет би им дала на децата кои се заинтересирани за него, таа одговори:
„Прво треба да имате силен ментален склоп. Затоа што голфот не е спорт за кој ви се потребни само талент и тренинг. Тоа е спорт кој од вас бара поголема ментална смиреност, прибраност… Да речеме дека работите шест часа на ден. Доколку само половина час од тие ваши шест часа е продуктивен, тоа нема да ви придонесе многу, без разлика колку напорно работите. Како прво, не смееш да се обесхрабруваш. Потоа, мора да си во кондиција, да спортуваш, во спротивно ќе ти опадне кондицијата и силата. Без кондиција нема да можеш да го удриш топчето. Ако не си во состојба да го удриш топчето, ти паѓа моралот и се обесхрабруваш, а тоа влијае на твојот резултат.“
- „Потребно ви е добро образование“
За нејзиното истовремено образование и спортување голф, Дениз Сапмаз рече: „Потребно е да сте добро образован, затоа што не се знае што ќе се случи. Можам да се повредам, што е факт. Потребно е да му посветам внимание на образованието. Тоа го постигнувам организирајќи го моето време.“
За нејзините достигнувања на турнирите на кои учествуваше оваа година, Сапмаз рече:
„Оваа година е важна за мене, бидејќи имав интензивна програма на турнири. Прво играв на „U.S Kids“ турнирот во Анталија. Потоа на турнирот организиран на грчкиот дел на Кипар постигнав добар резултат последниот ден од натпреварот и го освоив првото место. Следеше Малага каде бев втора. Има голф лиги организирани од турската федерација. Во тие лиги учествуваат кандидатите за репрезентација и репрезентативци. Учествував на нив и станав прва. Затоа влегов и на светската ранг-листа. Станав најмладата натпреварувачка од Туркије на светската ранг-листа. Потоа заминав за Малта. Станав шампионка за млади девојки на „Junior Open“ за 2023 година, турнир организиран од страна на голф-федерацијата на Малта.“

- „Како Турчинка сакам да бидам позната на меѓународната сцена“
Потсетувајќи се на нејзиното интервју за АА минатата година, запрашана за нејзините цели, Сапмаз рече:
„Последниот пат кога се сретнавме, ви реков: ‘Сакам да одам да учествувам на Young Masteр’ и успеав во тоа. Тоа е една од моите цели и оваа година. Сакам да учествувам на неколку турнири оваа година. ‘Evian Juniors Cup’ е турнир во категоријата до 14 години, еден од најважните турнири за мене. Сакам да одам на него затоа што ми е последна година пред да наполнам 14 години. Сакам и долгорочно да играм на турнитите на LPGA (Женско професионално здружение за голф). Станува збор за турнири на кои играат најдобрите играчи од секоја земја. На тие турнири се одредува вашата иднина. Но за тоа е потребно да се измине долг пат. Исто така, една од моите цели е и промоцијата на голфот во Туркије. Сакам да бидам признаена на меѓународната сцена како Турчинка. Најпрво би сакала да му се заблагодарам на моето семејство што ми помогна да напредувам на овој пат. Им се заблагодарувам и на Турската федерација за голф, на мојот клуб, голф-клубот Аташехир, како и на сите мои наставници кои застанаа покрај мене.“
На прашањето „Дали имаш цел да бидеш број еден на светската ранг-листа?“ младата голферка одговори: „Би било одлично доколку бидам прва на светската ранг-листа, но сметам дека уште имам време за тоа. Мислам дека ќе бидам.“
- Достигнувања постигнати оваа година
Сапмаз, која го освои првото место во својата возрасна група меѓу сите голфери кои учествуваат на турнирот „U.S Kids Antalya Turkish Open 2023“ што се одржа во јануари оваа година, го освои првото место и на турнирот „5 Stars International Cup“ за натпреварувачки до 15-годишна возраст што се одржа од 1 до 3 февруари во Полска.
Турската репрезентативка во голф успеа да биде прва и на турнирот „Nicos Severis Junior Open 2023“ што се одржа на грчкиот дел од Кипар на 12 февруари. Сапмаз го освои второто место на турнирот „Toro Tour Andalucia Golf Series“ што се одржа во Малага кон крајот на февруари.
Сапмаз, која го освои првото место во лигашкиот натпревар во организација на Турската федерација за голф што се одржа од 10 до 11 март, на 13-годишна возраст успеа да стане најмладата турска голф-спортистка која влегла на светската аматерска ранг-листа за голф.
Сапмаз, учествуваше и на турнирот „Malta Junior Golf Open“ организиран на Малта од 3 до 5 април, на кој учествуваа 63 спортистки од 18 земји. На овој натпревар таа го освои првото место меѓу 26 жени играчи на голф до 18 години.