Ahmet Gürhan Kartal
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
ЛОНДОН
Британскиот премиер Борис Џонсон се состана со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Лондон, за да разговараат за голем број на важни прашања од заеднички интерес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што се вели во соопштението издадено од британската влада, двајцата официјални претставници разговарале за постапките на Кина во Хонг Конг и автономниот регион Синкјанг во кој живеат ујгурските муслимани.
Британскиот премиер и американскиот државен секретар исто така разговараа и за ситуацијата во Иран, мировниот процес на Блискиот исток, договорот за слободна трговија и прашањето за 5Г телекомуникациската мрежа.
Двајцата официјални претставници ја истакнаа и важноста на заедничката соработка меѓу петте држави, САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, за развојот на идните технологии.
Покрај тоа, Џонсон и Помпео ја потврдија својата посветеност да преговараат за силен договор за слободна трговија „што би било во интерес на економиите на двете земји“.
Помпео би требало да се состане и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб, по што се очекува прес-конференција.
Велика Британија во средината на јули го отстрани Хуавеј од својата 5Г телекомуникациска мрежа, наредувајќи им на сите свои мобилни оператори отстранување на опремата на кинеско техно гигантот од британската Г5 мрежа до 2027 година. На операторите како БТ (BTGOF) и Водафон (VOD) британската Влада им нареди да ја отстранат сета постоечка Хуавеј опрема од своите мрежи.
Министерот за технологија Оливер Доуден тогаш изјави дека американските санкции кон Хуавеј, воведени уште минатата година, значајно го промениле погледот на британските власти кон кинеската компанија.