Ruslan Rehimov
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
БАКУ
Властите на Азербејџан соопштија дека Ерменија продолжува да го крши примирјето на фронтовите во тој регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за одбрана на Азербејџан, Вагиф Дергахли изјави дека ерменската војска и денес во повеќе наврати со огнено оружје ги гаѓала позициите на азербејџанската војска.
Тој изјави дека азербејџанските сили одговориле на тие напади и дека потешко се ранети двајца ерменски војници.
Министерството за одбрана на Азербејџан претходно соопшти дека во текот на денешниот ден долж пограничниот појас се срушени две беспилотни летала на ерменската војска.
Ерменската војска на 12 јули започна напади врз позициите на азербејџанската војска во Товуз, а азербејџанската страна одговори на нападите и го осуети ерменскиот обид за окупација на пограничните делови и стратешки важни региони.
Товуз е северозападен азербејџански регион кој се наоѓа на трасата на неколку азербејџанско-турски енергетски и железнички мегапроекти, но и на трасата на патот кој Азербејџан, преку Грузија се спојува со Турција.
Новите ерменски напади предизвикаа додатен раст на тензиите во тој регион во кој Ерменија од 1991 година под нелегална окупација го држи азербејџанскиот Нагорно-Карабах и уште седум соседни региони.
Турција ги осуди ерменските напади и порача дека е подготвена со сите ресурси да го поддржи братскиот Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и решенија на многу меѓународни организации, се однесуваат на оваа незаконска окупација и бараат повлекување на професионалните ерменски сили од Нагорно-Карабах и седум други окупирани региони на Азербејџан.