Bilal Acar
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
ЛОНДОН (АА) - Комитетот на британскиот Парламент за разузнавачки работи и безбедност (ISC) соопшти дека Велика Британија е една од најголемите разузнавачки цели на Русија и дека британската Влада ја занемарува таа закана, јавува Агенција Анадолија (AA).
Комитетот објави извештај во кој на 50 страници се наведени детали за руското мешање во политиката на Велика Британија.
Во извештајот се наведува дека Велика Британија е главната цел на руските разузнавачки активности во Западна Европа и дека Русија се обидува да се меша во британската политика преку кибершпионажата и преку социјалните мрежи.
Авторите на извештајот ја обвинија Владата и разузнавачките агенции на Велика Британија дека ја занемариле заканата од руското мешање во процесите за референдумот за Брегзит и референдумот за независност на Шкотска.
Истакнувајќи дека Русија преку кибернападите се обидува да влијае врз демократските изборни процеси во Велика Британија, Комитетот наведува дека руското влијание врз британската политика стана нова реалност.
„Владите кои се менуваа со раширени раце ги пречекаа олигарсите со пари. Тие им овозможија врски на највисоко ниво за да им овозможат пристап до нелегални финансиски можности и поврзување со британските компании и политичари“, се наведува од Комитетот.
Членот на Комитетот на британскиот Парламент за разузнавачки работи и безбедност (ISC), Стјуарт Хоси, изјави дека Русија во 2016 година се обидела да се вмеша во процесот за референдумот за Брегзит, но дека британската Влада не сакала да ги слуша таквите предупредувања.