Esat Fırat
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските војници го урнаа Центарот за карантин на окупираниот Западен Брег, кој беше поставен како дел од борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Еднокатниот објект од 700 метри квадратни поставен на влезот на градот Хеброн, на југот на Западниот Брег, инаку центар за тестирања за Ковид-19 и Центар за привремен карантин, е урнат од израелските војници со образложение дека немал дозвола за градба.
Палестинецот Раид Мисведе, кој на палестинските власти им го донираше земјиштето за поставување на Центарот рече: „Мислам дека на окупаторската држава не ѝ се допадна Центарот, кој почна да се поставува пред 3 месеци кога епидемијата брзо се ширеше и кој беше планиран да се отвори.“
Мисведе истакна дека Израел нема проблем со борбата против Ковид-19, но продолжува со своите прекршувања против Палестинците.
Од друга страна, според информациите добиени од очевидци, израелските војници урнале палестинска куќа во изградба со образложение дека нема дозвола во местото Каравет Бени Хасан, северниот дел на Западниот Брег.
Во рамки на Вториот договор во Осло потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен на три зони - А, Б и Ц.
Според овој договор, Палестина управува со Зоната А (18 отсто од Западниот Брег), од административен и безбедносен аспект; исто така, управува со Зоната Б (21 отсто од Западниот Брег), само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа во Зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.
Израелската Влада не дозволува Палестинците да градат куќи во Зоната Ц затоа што таа е под нивна контрола.