Canberk Yüksel
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американските муслимани се собраа пред зградата на постојаното претставништво на Мјанмар во Обединетите нации (ОН), кое се наоѓа во Њујорк, и протестираа против масакрите што се случуваат во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Адем Карол, одговорен за програмите на ОН во организацијата Работно тело за Мјанмар, во својот говор на демонстрациите ја критикуваше мјанмарската Влада, и упати апел до муслиманите да преземат акции.
„Состојбата во Аракан секој ден се влошува. Се надевам дека можеме да направиме еден акционен план, а не да останеме само со изразување на нашиот гнев“, истакна Карол.
„Засрами се Мјанмар. Мјанмарската Влада се крие зад Кина во ОН и става вето на одлуките што не ги сака во Советот за безбедност“, истакна Карол, осврнувајќи се на пасивноста на ОН.
Групата извикуваше пароли како „Запрете го геноцидот“ и „Не ја сакаме вашата крвава војна“, и се помолија за муслиманите од Аракан.
Илјадници муслимани загинаа во нападите што мјанмарската војска ги извршува во Аракан од 25 август, под изговор борба против вооружените милитанти. Мјанмарската администрација не дозволува никој да влезе ниту да излезе од подрачјето, така што не може да се утврди точниот број на настраданите.
Будистичките националисти и војската во нападите запалија повеќе од 150 села. Десетици илјади аракански муслимани и понатаму се обидуваат да побегнат од подрачјето во безбедна зона.
Цивилите од Мјанмар бегаат преку планинските предели, реката Наф или преку морето, и преминуваат во Бангладеш. Од 25 август досега, околу 370.000 аракански муслимани преминале во Бангладеш.