Dildar Baykan
19 Февруари 2019•Ажурирај: 19 Февруари 2019
ЊУЈОРК (АА) - Во центарот на Њујорк синоќа беа одржани масовни протести поради прогласување вонредна состојба во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба, за без одобрување на Конгресот да обезбеди средства за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница.
Стотици демонстранти синоќа се собраа на плоштадот „Јунион“ во Њујорк и го осудија тој потег на Трамп.

Демонстрантите протестираа и поради ригорозната политика на Трамп кон мигрантите.
„Со мигрантите и бегалците сме“, „Вонредната состојба е продукт на Белата куќа“, „Не, на вештачката криза на Трамп“, се некои од пораките од транспарентите кои демонстрантите ги носеа за време на протестите.
Насобраните, исто така го повикаа Трамп да отстапи од функцијата шеф на државата.
„Силни сме, Америка е земја која на сите им нуди еднакви шанси. Против исламофобијата и омразата сме кон која било заедница“, порача една од демонстрантките која се обрати на собирот.
Протестите протекоа без поголеми инциденти и со големи безбедносни мерки.
Полицијата спречи обид симпатизер на Трамп да влезе меѓу демонстрантите.