Elvir Hociç
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
СЕУЛ (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин се нуди како посредник за воспоставување дијалог и подобрување на билатералните односи меѓу Северна Кореја и Јапонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на извори од Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, новинската агенција „Јонхап“ од Сеул јави дека Мун во телефонски разговор го информирал јапонскиот премиер Шинзо Абе за средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, која се одржа во петокот во пограничното и демилитаризирано село Панмунџом.
„Претседателот Мун го информираше премиерот Абе дека на состанокот во петокот, на севернокорејскиот лидер ја пренел подготвеноста на Јапонија за нормализирање на односите со Северна Кореја, на што Ким Џонг-ун одговорил позитивно и изразил желба за воспоставување на дијалог и средба со Шинзо Абе“, соопшти портпаролот на Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, Ким Еуи-кје.
Истиот извор истакна дека претседателот Мун на двете страни им предложил да ја преземе улогата на посредник во воспоставувањето на дијалогот и нормализацијата на односите меѓу Пјонгјанг и Токио.
Мун и Абе во денешниот разговор изразиле надеж дека претстојната средба на лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун и американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе биде конструктивна за продолжување на процесот на решавање на кризата во регионот.