Ali H. M.Abo Rezeg
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ГАЗА (АА) - Повеќе од 30 палестински спортисти беа повредени во интервенцијата на израелските безбедносни сили за време на масовните демонстрации во пограничните подрачја на Појасот Газа, кои започнаа кон крајот на март, јавува Anadolu Agency (AA).
„Многу од нив се здобија со сериозни повреди во пределот на главата“, истакна на денешната прес-конференција, Ахмед Мухејсен, потсекретар во Министерството за млади и спорт во Појасот Газа.
Тој посочи дека поради сериозните повреди, на некои спортисти им биле ампутирани делови од телото. Притоа го наведе случајот на Алала Ал-Дали, палестински велосипедист кој се подготвуваше да ја претставува земјата на натпревар во Азија.
„Ја повикуваме меѓународната заедница и организациите за човекови права да ги преземат своите ингеренции и да ја заштитат палестинската младина, децата и жените“, порача Мухеисен.
Тој, исто така повика на покренување меѓународна истрага за злосторствата на израелската окупација против мирните демонстранти.
Палестинците од крајот на минатиот месец одржуваат масовни демонстрации наречени „Марш за големото враќање“ на границата меѓу Појасот Газа и Израел.
Најмалку 46 Палестинци од Појасот Газа загинаа, а стотици се повредени од 30 март, кога израелските сили отворија оган врз демонстрантите кои го одбележуваа „Денот на земјата“, што претставува симбол на отпорот кон израелската окупација.
Протестите ќе кулминираат на 15 мај, кога се одбележува 70-годишнината од „Накба“ или „Денот на катастрофата“, кој го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ од основањето на израелската држава на палестинска територија.