свет

ЈПГ/ПКК го користи како политичка карта ослободувањето на припадниците на ДЕАШ

Во кампот „Хол“ во североисточниот дел на Сирија, кој е оставен под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК, се наоѓаат припадници на ДЕАШ од 50 земји и голем број цивили коишто со нивните семејства бегаат од конфликтите.

Muhammed Temim Hocaoğlu  | 28.11.2020 - Обновена : 30.11.2020
ЈПГ/ПКК го користи како политичка карта ослободувањето на припадниците на ДЕАШ

АНКАРА (АА) - МУХАМЕД ТЕМИМ ХОЏАОГЛУ -

Експертите велат дека терористичката организација ЈПГ/ПКК го користи како политичка карта ослободувањето на затворените припадници на ДЕАШ во кампот „Хол“ во Сирија и дека тоа го сметаат како закана за регионалната и глобалната безбедност.

Во кампот „Хол“ во североисточниот дел на Сирија, кој е оставен под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК, се наоѓаат припадници на ДЕАШ од 50 земји и голем број цивили коишто со нивните семејства бегаат од конфликтите.

Оваа организација веќе една година на неконтролиран начин го евакуира кампот, во кој хуманитарната состојба постојано се влошува. Од една страна на цивилите кои не биле вклучени во војната им е дозволено да го напуштат кампот, а од друга страна голем број терористи, за кои е откриено дека имале контакт со терористичката организација ДЕАШ, се ослободуваат од страна на оваа организација.

Бројот на лицата на кои ЈПГ/ПКК им дозволи да го напуштат кампот на неконтролиран начин достигнува речиси 3.000, а не се знае колку точно од нив се поврзани со ДЕАШ.

Експертите во изјава за Агенција Анадолија (АА) говореа во врска со прашањето за кампот „Хол“, кој ЈПГ/ПКК го користи како политичка карта.

- Закана кон безбедносните зони

Проф. д-р Месут Хаки Џашин, предавач на Правниот факултет на Универзитетот „Једитепе“, истакна дека терористичката организација ЈПГ/ПКК особено ги ослободува затворениците на ДЕАШ, додавајќи дека дејствијата на терористичката организација ја загрозуваат регионалната и глобалната безбедност.

Џашин рече дека ослободувањето на затворениците на ДЕАШ има за цел да го дестабилизира и саботира мирот во зоните каде што се реализирани турските антитерористички операции „Извор на мирот“, „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.

- Друг извор за финансирање на ЈПГ/ПКК: Трговија со затвореници

Истакнувајќи дека организацијата ги користи и затворениците на ДЕАШ во трговијата со затвореници, Џашин истакна дека припадниците на ДЕАШ се ослободени во замена за пари и дека организацијата добива финансиски средства од ова.

Тој истакна дека друга цел на ЈПГ/ПКК е да го спречи враќањето на бегалците во регионот.

„Ослободувањето на членовите на ДЕАШ ќе создаде страв во регионот. Така ќе се спречи враќањето на луѓето во регионот (под окупација на терористичката организација) во нивните домови“, рече Кашин.

- Кампот „Хол“ се претвори во политичка карта на ЈПГ/ПКК

Џашин истакна дека организацијата се обидува да создаде перцепција дека од кампот „Хол“ се ослободуваат само „луѓе чии раце не се извалкани со крв“ и дека оваа пропаганда е започната во значителна мерка и од страна на странските медиуми.

Според него, ЈПГ/ПКК со овие чекори се обидува да ја зајакне својата позиција и на регионалната и на меѓународната арена.

„Организацијата ги користи затворениците на ДЕАШ како политичка карта, принудувајќи ги меѓународните институции да соработуваат со неа. Постои цел за да се упати пораката: „Ако не ни помогнете, ќе ги ослободиме овие затвореници“, додаде тој.

- „ДЕАШ долго време се обидува да се врати“

Џан Касапоглу, директор на Програмата за студии за одбрана и безбедност при Центарот за студии за економска и надворешна политика (ЕДАМ), истакна дека терористичката организација ДЕАШ сè уште е жива на идеолошка основа.

„ДЕАШ долго време се обидуваше да се врати и доби голема основа“, предупреди Касапоглу.

Истакнувајќи дека заканата од ДЕАШ сè уште не исчезнала и дека има многу милитанти под команда на организацијата, Касапоглу нагласи дека одговорноста паѓа на земјите чии државјани се осомничените и ослободени терористи.

„Ако одредени земји имаат свои граѓани меѓу ослободените терористи и осомничени, тие земји не можат да избегаат од ова прашање со неприфаќање на нивните законски одговорности. Ако проблемот е глобален, решението мора да биде глобално“, рече тој.

Касапоглу додаде дека треба да се постави нов патоказ за решавање на проблемот со ДЕАШ во Сирија, а каналите на разузнавачката дипломатија треба да се реорганизираат и организацијата ЈПГ/ ПКК да ги напушти овие механизми.

- Ослободените припадници на ДЕАШ можат да побегнат во Европа маскирани како бегалци

Експертот за левантински студии на Центарот за студии на Блискиот Исток (ОРСАМ), Самир Алабдулах, нагласи дека целта на ЈПГ/ПКК со евакуациите во кампот „Хол“ е да добие поголема финансиска, политичка и воена поддршка од меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ.

Истакнувајќи дека повеќето од евакуираните биле жени и деца цивили, Алабдулах рече дека организацијата, која неодамна се соочи со жестоки протести од луѓето во регионот, започнала ваква активност во корист на арапските племиња во регионот.

Алабдулах нагласи дека ослободените припадници на ДЕАШ претставуваат сериозна закана за регионот контролиран од Националната војска на Сирија, поддржана од Турција, додавајќи дека има неодамнешни инфилтрации и напади од страна на ДЕАШ.

Тој подвлече дека некои припадници на ДЕАШ може да заминат во Европа „како бегалци“ откако се ослободени од кампот, и дека постои ризик припадниците на терористичката организација повторно да воспостават комуникација со „тајните ќелии“.

- Евакуациите во кампот „Хол“

Во кампот, поставен во Хол во 2017 година, ЈПГ/ПКК ги држи цивилите што бегаат од судирите со припадниците на терористичката организација ДЕАШ во Деир ез-Зор, како и некои припадници на ДЕАШ, кои се предале, и нивните семејства.

Во кампот има илјада странски терористички борци од околу 50 земји и голем број сириски и ирачки терористи.

ЈПГ/ПКК во последните години евакуираше скоро 3.000 лица, вклучувајќи и припадници на терористичката организација ДЕАШ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın