свет

Палестинскиот амбасадор во Анкара: „Палестинскиот народ нема да биде уништен“

„Нашиот народ страдаше, жртвуваше, изгуби свои територии, водеше борба, даде шехиди (маченици), и беше притворуван поради тоа што ги штитеше својата историја, татковина и своите свети нешта“, рече Мустафа

Furkan Abdula  | 28.11.2020 - Обновена : 01.12.2020
Палестинскиот амбасадор во Анкара: „Палестинскиот народ нема да биде уништен“

АНКАРА

Амбасадорот на Палестина во Анкара, Фаед Мустафа, истакна дека е време да му се каже стоп на Израел, кој ги напаѓа нивните територии, нивното присуство и нивната иднина, и дека палестинскиот народ нема да биде уништен, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Мустафа објави соопштение насловено „Порака на палестинскиот народ по повод 29 Ноември - Меѓународниот ден за солидарност со палестинскиот народ“.

Тој нагласи дека овој ден се одбележува од 1977 година со резолуција усвоена во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), и дека оваа резолуција е признавање дека Генералното собрание на ОН е одговорно за одлуката за поделба на Палестина, донесена на 29 ноември 1947 година, и за последиците што произлегуваат од неа.

„Палестинскиот народ над 72 години доживува различни беди. Нашиот народ страдаше, жртвуваше, изгуби свои територии, водеше борба, даде шехиди (маченици), и беше притворуван поради тоа што ги штитеше својата историја, татковина и своите свети нешта“, рече Мустафа, додавајќи дека покрај сето тоа палестинскиот народ го продолжил својот пат.

Тој нагласи дека тие, како палестински народ, ги прифатиле преговорите што ќе водат кон независност и кон мировен договор, кој ќе стави крај на окупацијата, и дека ги прифатиле политичките работи и цивилниот отпор.

„Окупаторската израелска држава од потпишувањето на Договорот во Осло 1993 година, па досега, продолжи со одолговлекување, а постоечкиот премиер на израелската Влада неколку пати истакна дека го одбива дводржавното решение. Тие продолжија со анектирање на нашите окупирани територии и со населување. Направија сè за да го сменат идентитетот и статусот на нашиот главен град Кудс, донесоа фашистички закони, додека со блокадата што ја спроведуваат во Газа, ја изолираа Газа од другите територии на татковината и од светот. Ја саботираа нашата економија и ги прекршија сите договори потпишани во областа на политиката, економијата и безбедноста“, додаде тој.

Според него, американската администрација под водство на Доналд Трамп изминатите години продолжила со прекршување на меѓународното право, и со тоа уште еднаш покажала дека не е пристоен посредник.

Тој рече дека оваа американска администрација го признала Кудс како главен град на Израел, ја преместила својата амбасада во Кудс и му дала „зелен сигнал“ на Израел да анектира уште повеќе палестински територии.

Мустафа потсети дека шефот на американската дипломатија пред извесно време истакнал дека населувањата во Западниот Брег, вклучувајќи го и Кудс, не се против меѓународното право.

„Оваа изјава е силегална и е против меѓународното право и против меѓународните резолуции за легитимност, пред сè резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН). Ваквите изјави, одлуки и однесувања на САД ја охрабруваат израелската Влада да продолжи со окупацијата, да ги зголемува активностите за населување и да ги извршува злосторствата, кои според основното римско право и меѓународните резолуции за легитимност се сметаат како убиство“, рече Мустафа, упатувајќи благодарност до сите држави и меѓународни организации кои целосно ја одбија и ја осудија оваа изјава и населувањата.

„Населувањето е отворено против меѓународното право. Меѓународното право е основа на меѓународниот систем. Не може да се прифати двоен стандард и манипулација. Време е да му се каже стоп на Израел, кој ги напаѓа нашите територии, нашето присуство и нашата иднина. Време е да се направат практични чекори за палестинскиот народ да формира независна држава на териториите окупирани во 1967 година, со главен град Источен Кудс. Време е земјите кои веруваат во дводржавно решение, како што го признаа Израел, да ја признаат и палестинската држава со границите од 1967 година и со главен град Источен Кудс“, нагласи тој.

- „Палестинскиот народ нема да биде уништен“

Палестинскиот амбасадор истакна дека и покрај сите болки и страдања, ја пружаат нивната рака за праведен мир заснован на дводржавно решение со границите од 1967 година и за меѓународната легитимност.

„Палестинската држава ќе продолжи да учествува во сите иницијативи што ќе ја поддржуваат сувереноста на меѓународното право. Ќе продолжат нашите напори за обединување на нашите територии и нашиот народ. Тоа ќе го сториме со изборите кои сакаме да ги организираме во наредните месеци. На тој начин, ќе има единствена администрација, единствен закон и единствено легитимно оружје“, додаде Мустафа.

„Палестинскиот народ нема да биде уништен, нема да ја прифати болката и суровоста. Ќе продолжи со легитимниот отпор против империјалистичката окупација, која како цел ги има нашите права, вклучувајќи ги нашите територии, нашиот народ и определувањето на нашата иднина. Нема да се откаже од културата на мирот и толеранцијата. Ќе продолжиме да ги штитиме нашите територии и свети нешта, пред сè Месџидот Акса, како и нашиот Кудс“, рече тој, упатувајќи благодарност до сите држави, влади, организации и народи кои изразиле солидарност со палестинскиот народ по повод Меѓународниот ден за солидарност со палестинскиот народ, и кои му дале поддршка за неговата борба.

„Упатуваме благодарност до Република Турција, особено до претседателот Реџеп Таип Ердоган, поради силната поддршка дадена за правото на палестинскиот народ за слобода и независност. Упатувам благодарност и до Министерството за надворешни работи, до Големото народно собрание на Турција (ТБММ), политичките партии, невладините организации, како и до турскиот народ поради тоа што изразуваат солидарност со праведната кауза на нашиот народ“, додаде амбасадорот на Палестина во Анкара, Фаед Мустафа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın