Mehmet Nuri Uçar
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
АМАН (АА) - Јорданскиот крал Абдула Втори ја откажа неговата денешна посета на Романија откако Виорика Данчила, премиерката на Романија, соопшти дека Амбасадата на нејзината земја од Тел Авив ќе биде преместена во Ерусалим (Кудс), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со цел поддршка на Кудс, кралот Абдула донесе одлука за откажување на неговата посета на Романија, којашто требаше да започне денес, откако премиерката на Романија, Данчила, соопшти дека Амбасадата на нејзината земја ќе ја преместат во Кудс“, се наведува во соопштението на Кралскиот суд на Јордан.
Во рамки на посетата на кралот Абдула на Романија беше планирано да се потпише Меморандум за разбирање во различни области меѓу двете земји, како и да се одржи бизнис-форум на кој ќе учествуваат претставниците на приватниот сектор на двете земји.
- Претседателот на Романија го одби преместувањето на Амбасадата во Ерусалим -
Според веста објавена на интернет-страницата на израелскиот весник „Једиот ахронот“ (Yedioth Ahronoth), претседателот на Романија, Клаус Јоханис, ја одбил одлуката на премиерката Данчила за преместување на романската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим. „Премиерката го докажа нејзиното незнаење во надворешната политика, особено во врска со Ерусалим“, рече Јоханис.
Во веста се нагласува дека претседателот Јоханис не донел одредена одлука во оваа насока, и дека истакнал оти според Уставот на Романија, ваква одлука не може да се донесе без согласност на претседателот на државата.
- Романија и Хондурас со изјава околу Ерусалим -
Премиерката на Романија, Виорика Данчила, во нејзиното обраќање на Годишниот состанок на Комитетот за односи со јавноста на Израел (AIPAC), одржан во САД, рече дека Владата донела одлука за преместување на Амбасадата на Романија од Тел Авив во Ерусалим.
Претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Ернандес, истакна дека неговата земја ќе отвори дипломатска мисија во Ерусалим.