Ekipa
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
САНА (АА) - Хусите во Јемен прогласија вонредна состојба со цел борба против епидемијата на колера, која е распространета во подрачјата што Хусите ги држат под контрола, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на новинската агенција „Саба“, поврзана со Хусите, Таха ел Мутевекил, кој ја врши функцијата министер за здравство во формираната Влада, соопштил дека е прогласена вонредна состојба, со цел борба против епидемијата на колера во подрачјата што ги држат под контрола.
Во саботата Хусите донесоа одлука за затворање на кантините во сите училишта во Сана, со цел борба против колерата.
Епидемијата на колера е регистрирана особено во подрачјата што се под контрола на Хусите во Јемен.
Според писменото соопштение на Герт Капелаере, директор на УНИЦЕФ за Средниот Исток и Северна Африка, и Ахмед ел Манзури, директор за регионот на Источен Медитеран на Светската здравствена организација (СЗО), од почетокот на 2019 година досега забележан е голем раст на случаите на колера во Јемен, каде што заклучно со 17 март биле регистрирани 109.000 случаи, од кои 190 лица го загубија својот живот.
- Хуманитарна криза во Јемен -
Во Јемен веќе подолг период владее политичка нестабилност.
Хусите од септември 2014 година го зазедоа главниот град на Јемен, Сана, како и одредени околни подрачја.
Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија, од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.
Илјадници лица загинаа во судирите кои траат веќе четири години во Јемен.
Хуманитарната криза во Јемен, кој е меѓу најсиромашните земји во светот, е зголемена, и достигна големи размери.
Според ОН, во Јемен, земјата во која се случува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, се наоѓаат над 22 милиони лица кои имаат потреба од хуманитарна помош и заштита.
Во земјата секојдневно се зголемува бројот на заболените од епидемии, пред сѐ од колера, предизвикани од различни причини, како немање пристап до чиста вода, недоволна исхрана и недостиг на лекови.