Ekipa
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
РАМАЛА (АА) - Израелските сили го приведоа братот на хероината на палестинскиот отпор, Ахед ал Тамими, во рација спроведена рано утрово на окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (АА).
„Израелските сили упаднаа во нашиот дом во селото Наби Сали, во близина на Рамала, и го уапсија мојот син Мухамед“, изјави за АА мајката Нериман ал Тамими.
Таа нагласи дека со приведувањето на нејзиниот син Мухамед ал Тамими (15), израелската Армија сака да ја скрши волјата на нивната фамилија.
На видеоснимка објавена на личниот профил на Фејсбук на мајката се гледа како израелските сили го приведуваат синот, додека неговата сестра вика кон војниците.
Сестрата на Ал Тамими беше во израелски притвор неколку месеци.
Причините за приведувањето се непознати, а израелската Армија допрва треба да издаде официјално соопштение.
Кон крајот на јули, израелските власти ги ослободија Ахед ал Тамими и нејзината мајка откако беа во затвор осум месеци.
Седумнаесетгодишната Тамими беше уапсена кон крајот на 2017 година, а подоцна ѝ беше пресудена казна затвор во траење од осум месеци за „напад“ врз израелски војник.
Во 2012 година, истанбулската Општина Башакшехир ѝ ја додели на Тамими престижната награда за храброст „Ханзала“, за нејзиното спротивставување на израелските војници во текот на приведувањето на нејзиниот брат.