Afra Aksoy
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
ТАИЗ (АА) - Во југозападниот дел на Јемен, во градот Таиз, дојде до оружен судир меѓу владините сили и Хутите, поддржани од приврзаниците на соборениот лидер Али Абдула Салих. Во судирот загинаа 14 лица, од кои тројца војници и 11 милитанти, јавува Anadolu Agency (AA).
Според писменото известување на центарот за информации на воените единици во Таиз, Хутите извршиле оружен напад во подрачјето на Ел-Акруд, во селото Ес-Сајар, по што дошло до судир меѓу милитантите и војската.
Во изјавата се наведува дека во судирот загинаа 14 лица, од кои тројца војници и 11 милитанти, и се додава дека милитантите не успеале да напредуваат на теренот.
Од друга страна, се соопштува дека коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, извршиле воздушни напади врз позициите на Хутите и врз приврзаниците на Салих во подрачјата на Ел-Хенаја и долината Ел-Факија.
Во врска со воздушниот напад, се известува дека има загинати и ранети милитанти, а во подрачјето се уништени возилата што им припаѓале на Хутите.
Поради долгогодишната политичка нестабилност во Јемен, во различни подрачја на државата продолжуваат судирите меѓу Хутите, поддржани од приврзаниците на поранешниот претседател на Јемен, Али Абдула Салих, и владините сили.