Ahmet Furkan Mercan
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
ТОКИО
Во Јапонија од авиокомпаниите е побарано да ја запрат употребата на авионите од моделот „Боинг 777“, каков што е моделот на авионот што принудно слета веднаш по полетувањето во САД поради откажување на моторот, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за транспорт на Јапонија им нареди на најголемите авиокомпании во земјата, кои во своите флоти ги имаат авионите „Боинг 777“, да ги приземјат овие авиони.
Во овој контекст, авиокомпанијата „Ол нипон ервејс“ (All Nippon Airways - ANA), која во својата флота има 19 авиони од овој модел на патнички авиони, и авиокомпанијата „Џапан ервејс“ (Japan Airlines - JAL), која во својата флота има 13 авиони од овој модел, ќе ги приземји авионите, кои ќе се чуваат во хангарите заради нивно сервисирање.
Според вестите на јавната јапонска радиодифузна коорпорација НХК (NHK), авиокомпаниите АНА и ЈАЛ соопштиле дека по добиените инструкции, други модели на авиони ќе продолжат да ги опслужуваат патниците и дека нема да има никакви проблеми околу тековните летови.
- Делови од моторот паднаа во дворовите на куќите
Авион од типот „Боинг 777“ на „Јунајтед ерлајнс“ („United Airlines“), кој од американскиот Меѓународен аеродром „Денвер“ полета кон Хонолулу на 20 февруари, имаше дефект на моторот неколку минути по полетувањето.
И покрај тоа што во извештајот за овој инцидент не беа пријавени повредени лица, голем број парчиња што се откачиле од авионот паднаа во градините на куќите лоцирани на околу 50 километри од аеродромот.
Во американските национални медиуми беше објавено дека нема повредени лица меѓу локалното население во регионот.
Во соопштението што го објави Федералната администрација за воздухопловство (FAA) на САД е забележано дека авионот безбедно се вратил на аеродромот откако откажал моторот што се наоѓал на десното крило.