Ahmet Furkan Mercan
03 Март 2021•Ажурирај: 04 Март 2021
ТОКИО
Јапонскиот милијардер Маезава Јусаку соопшти дека бара 8 лица што ќе го придружуваат на туристички лет на Месечината во 2023 година, што ќе биде организиран од Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ и основач на „Спејс екс“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Четириесет и петгодишниот милијардер Маезава во објавата на неговиот профил на Твитер рече ќе ги покрие сите трошоци за туристичкиот лет на Месечината наречен „dearMoon“.
Маезава замоли да се погледне видеото на неговиот канал на Јутуб во врска со двата критериума што се бараат при избор на 8-те лица што ќе го придружуваат на туристичкиот лет.
- „Ги поканувам сите личности што може да придонесат за човештвото“
Во својата видеопорака, истакнувајќи дека ги купил сите места и дека тоа ќе биде специјална експедиција, рече: „Барам 8 лица. Ќе патуваме со ракетата ‘Старшип‘, произведена од ‘Спејс екс‘. Одењето и враќањето ќе траат 3 дена. Учесниците нема да плаќаат никакви давачки.“
Маезава наведе дека претходно планирал да избере пејачи, танчери или писатели познати низ целиот свет, но дека сега смета оти „секоја личност што ќе направи нешто креативно може да се нарече уметник“.
Изјавувајќи дека бара луѓе што можат да учествуваат на ова патување од целиот свет, Маезава рече:
„Без оглед на тоа што работите, ако одите во вселената, можете да им помогнете на другите луѓе и на поширокото општество. Сакам да има луѓе со таков потенцијал. Дали си задоволен од работата што ја работиш сега? Можеш ли да направиш нешто подобро и поголемо со одење во вселената? Ако тоа ти одговара, те молам, придружи се. Го поканувам секој што може да придонесе за човештвото, без оглед на неговото минато. Друг критериум е да има волја и способност да ги поддржува другите луѓе кои учествуваат во експедицијата. Овие два критериума ќе бидат клучот за избор на 8-те лица.“
Маезава во својата видеопорака, одговарајќи на прашањето „Зарем не се плашиш?“, поставено до него, рече: „Малку се плашам, но љубопитноста ми е поголема. Верувам во тимот на „Спејс екс“ и на Маск. Верувам во нивните технички капацитети.“
Според веста на „Би-би-си“, не е обелоденето колку Маезава ќе му плати на Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ и основач на „Спејс екс“.