Ekipa
10 Јуни 2022•Ажурирај: 13 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Јапонија денес повторно ги отвори своите граници за странските туристи по двегодишно затворање поради пандемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Владата продолжила со издавањето туристички визи за 98 земји и региони, вклучително и за САД, Велика Британија, Кина, Јужна Кореја, Индонезија и Тајланд за тури со водич, објави новинската агенција Кјодо.
Властите планираат до крајот на овој месец да дозволат доаѓање на туристи од целиот свет.
„Ќе направиме напори да ја обновиме туристичката побарувачка со балансирање на мерките против вирусот и општествените и економските активности“, истакна министерот за транспорт и туризам Тецуо Саито на прес-конференција, додавајќи дека првата група туристи се очекува да пристигне следната недела.
Јапонија постепено ги олесни ограничувањата против Ковид-19 за меѓународните патници овој март, кога ги отвори своите граници за бизнисмените, студентите и за јапонските граѓани.
Пред пандемијата на Ковид-19, која започна во Кина кон крајот на 2019 година, но стигна до повеќето земји на почетокот на следната година, Јапонија постави цел од 40 милиони странски посетители за Олимписките и Параолимписките игри во 2020 година, кои подоцна беа одложени до 2021 година.