Шпанија отвори истрага за воени злосторства против Нетанјаху поради израелскиот напад врз хуманитарниот брод „Мадлин“
- Се наведува дека израелските сили употребиле дронови, солзавец и нелегално ги лишиле од слобода цивилите, што се опишува како дел од поширок образец на прекршувања поврзани со тековниот конфликт во Газа.

ИСТАНБУЛ (АА) – Националниот суд на Шпанија денес започна кривична истрага против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за надворешни работи Израел Кац и неколку високи воени официјални претставници, поради наводите за вмешаност во воени злосторства и злосторства против човештвото, особено поради израелскиот напад минатиот месец врз хуманитарниот брод што беше упатен кон Газа, јавува Анадолу.
Истрагата се фокусира на нападот врз „Мадлин“ на 1 јуни, бродот на пат кон Газа, изјави шпанскиот европратеник Хауме Асенс на социјалната мрежа Х.
Бродот, кој превезуваше 12 меѓународни активисти и хуманитарна помош, беше пресретнат од израелските сили во меѓународните води. Меѓу притворените беше шведската еколошка активистка Грета Тунберг и француско-палестинската активистка за човекови права Рима Хасан.
Случајот е поднесен врз основа на принципот на универзална надлежност од страна на шпанскиот државјанин Серхио Торибиo и Комитетот за солидарност со арапската кауза.
Се наведува дека израелските сили употребиле дронови, солзавец и нелегално ги лишиле од слобода цивилите, што се опишува како дел од поширок образец на прекршувања поврзани со тековниот конфликт во Газа.
Судот побарал соработка со Меѓународниот кривичен суд (МКС) и го вметнува нападот во контекст на геноцидот во Газа.
Ова е првпат Шпанија да отвори официјална истрага против израелското раководство во врска со војната во Газа.
„Ова е голем чекор во борбата против неказнивоста. Кога државите не ги исполнуваат своите обврски, од граѓанското општество зависи да ја активира правдата како етичка, правна и политичка алатка против ужасот“, рече Асенс.
Доколку истрагата се потврди, таа би можела да ја ограничи можноста на Нетанјаху и другите израелски функционери да патуваат во Европа без ризик од потерници поврзани со случајот.
Израелската Влада сè уште не даде официјален одговор на развојот на настаните.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.