Alyssa Mcmurtry
27 Септември 2023•Ажурирај: 28 Септември 2023
ОВИЕДО (АА) - Лидерот на шпанската конзервативна Народна партија, Алберто Нуњез Фехо, не успеа во својот прв обид да формира влада, јавува Анадолу.
На Фехо му требаше апсолутно мнозинство од 350 члена на шпанскиот Парламент што ќе го поддржат неговиот обид.
Но заедно со поддршката од неговата Народна партија, екстремно десничарската партија Вокс, партијата од Канарските Острови и партијата од Навара тој собра само 172 гласа во своја полза.
Поголемиот блок составен од регионални и левичарски партии гласаше против него.
За време на дебатата пред да се гласа беше очигледно дека Фехо ќе го изгуби гласањето.
Како што истакна Аитор Естебан од баскиската партија ПНВ, доколку Фехо склучи договор со баскиските или каталонските партии, кои имаат позиција на одлучувачи за власт, екстремно десничарската партија Вокс нема да го поддржи. Но сѐ додека тој има договор со Вокс, баскиските и каталонските партии ќе се држат настрана.
Наместо да се пазари со баскиските или каталонските партии, Фехо го удвои својот тврд став против сепаратистичкиот сентимент.
За време на дебатата вчера тој рече дека доколку биде избран, во кривичниот законик ќе додаде „институционална нелојалност“ и ќе ги зголеми казните за злоупотреба на фондовите, кривично дело со кое моментно се соочуваат некои каталонски политичари.
„Единственото нешто што тој предлага за националните проблеми е да стави повеќе масло во огнот, пообемен кривичен законик и повеќе судови“, рече Естебан.
Вршителот на должноста премиер на Шпанија, Педро Санчез, кој преговара со сепаратистичките партии, има поголеми шанси да формира влада. Но останува нејасно дали неговиот блок ќе им попушти на барањата за амнестија за каталонските политичари што сè уште се соочуваат со обвиненија за обидот за независност во 2017 година.
Санчез не дебатираше со Фехо и неговиот обид го нарече „губење време“.
Фехо ќе се соочи со уште едно гласање во петок, при што за поддршка ќе му биде потребно просто мнозинство. Врз основа на резултатите и денешната дебата, тој исход се чини многу неверојатен.
„Барем ниту еден од членовите на мојата група не ќе мора да гласа против своите принципи“, рече Фехо, на крајот од дебатата.