Ekipa
17 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
МАДРИД (АА) - Уставниот суд на Шпанија официјално одлучи дека спорниот референдум за независност во Каталонија е нелегален, бидејќи регионалниот закон за тоа прашање е во спротивност со шпанскиот Устав, јавува Anadolu Agency (AA).
Каталонскиот регионален парламент го усвои таканаречениот Закон за референдум за самоопределба на почетокот од септември оваа година. Регионалните лидери потоа продолжија по тој пат, по што на 1 октомври беше одржан референдумот за тоа дали регионот треба да се одвои од Шпанија или не.
Уставниот суд на Шпанија претходно привремено го суспендираше законот, за судиите да можат да го проценат приговорот на Владата на Шпанија.
Во пресудата донесена денес, Уставниот суд наведува дека законот е насочен против националниот суверенитет и нераскинливото единство на шпанската нација. Се истакнува и дека е нелегална и седницата на регионалниот парламент на која беше усвоен законот.
Жорди Турул, портпаролот на Владата на Каталонија, изјави дека не е изненаден од одлуката на Уставниот суд на Шпанија.
„Се соочуваме со државната извршна власт која го користи правосудството за да го блокира законодавството“, истакна Турул.