Ekipa
24 Септември 2021•Ажурирај: 25 Септември 2021
МАДРИД (АА) - Продолжува ерупцијата на вулканот на шпанскиот остров Ла Палма кој уништи стотици куќи, а голем број спасувачки служби и понатаму се на терен и го следат продолжувањето на вулканските активности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вулканот еруптира на 19 септември на канарскиот остров Ла Палма на кој живеат околу 80.000 жители.
Вулканската лава, чија температура достигнува 1.100 степени Целзиусови, уништува сѐ пред себе.
Прелиминарните проценки укажуваат на штета во износ од 400 милиони евра. Евакуирани се 6.000 луѓе, а изгорени се 400 хектари земјоделска површина и околу 400 куќи.
Повеќето луѓе остануваат кај роднините во безбедни области на островот, но стотици се префрлени во различни државни засолништа. Оние што ги напуштија своите домови се соочуваат со недостиг на други опции за домување, а вулканот може да продолжи да еруптира со недели, па дури и со месеци.
„Тука сите се уништени. Ако не се депресивни, на работ се“, вели Џонај Перез, политичар и жител на опустошениот град.
Многу од евакуираните сѐ уште не се сигурни дали нивните домови се уништени или сѐ уште се во функција.
Шпанскиот крал Фелипе Шести вчера го посети атлантскиот остров.
„Ова се денови на огромна тага и вознемиреност за многу семејства. Денес не е лесно да се обезбеди утеха, но сакаме да ви дадеме надеж дека чекор по чекор, со помош на сите нас, секој ќе може да го обнови својот живот“, изјави тој.
Надлежните служби рекоа дека се очекува вулканот Кумбре Виеха да остане активен најмалку 24 дена, можно е и до три месеци.
Експертите ги предупредија локалните жители за можни експлозии и хемиски реакции додека лавата се влева во морето.
Последната слична вулканска ерупција во Шпанија се случи во 1971 година, исто така на островот Ла Палма. Тогаш еруптира вулканот Тенегуја.