Ahmet Furkan Mercan
24 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
ТОКИО
Јапонија се спротивстави на планот на Русија да воспостави бесцаринска зона на Курилските Острови и странски компании да се ослободат од данок за 10 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Јапонија, Мотеги Тошимицу, во Њујорк на 76. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), со неговиот руски колега Сергеј Лавров разговараше за билатералните и регионалните случувања.
Според новинската агенцијата „Кјодо“, Мотеги реагирал на планот на рускиот претседател Владимир Путин за формирање на бесцаринска зона на Курилските Острови.
Мотеги рече дека неговата земја се противи на планот на Путин да воспостави бесцаринска зона на Курилските Острови и странски компании да се ослободат од данок за 10 години.
Во врска со заедничките економски активности на двете земји на островите, Мотеги истакна дека тие треба да се спроведат без да се наруши правниот статус на Јапонија.
За време на состанокот, Мотеги исто така истакна дека Јапонија сака да „развие широки и меѓусебни односи“ со Русија.
- Спор меѓу Русија и Јапонија за Курилските Острови
На крајот на Втората светска војна во 1945 година, Советскиот Сојуз ги анектира Курилските Острови, кои се протегаат на околу 1.300 километри од Хокаидо во Јапонија до полуостровот Камчатка во Русија, разделувајќи го Охотското Море од Тихиот Океан.
По анексијата, поради спорот околу копнената област што Јапонија ја нарекува „Северни Региони“, меѓу Русија и Јапонија почнаа да се водат преговори за потпишување мировен договор, но страните не можат да постигнат резултати во преговорите.