Said İbicioğlu, Safiye Karabacak
24 Септември 2021•Ажурирај: 26 Септември 2021
РАМАЛА (АА) - Махмуд Абдула Арида, 46-годишен палестински затвореник, наречен „Архитект на големото бегство“ од Палестинците кои избегаа од израелскиот затвор „Гилбоа“, ги објасни причините што ги поттикнале тој и другите затвореници да го ископаат тунелот и да избегаат од затворот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мухамед Касим Арида и Махмуд Абдула Арида, во две одделни пораки што ги објавија Комисијата за прашања на затворениците на Палестина и Палестинската телевизија, ги објаснија условите на кои биле подложени од нивното повторно апсење.
- Затворениците тунелот го нарекоа „Пат кон Ерусалим“ -
Махмуд Арида, наречен „Архитект на големото бегство“, рече дека главната причина за копање на тунелот е долгогодишната желба за слобода.
Истакнувајќи дека тунелот го ископале како одговор на убивањето на Кемал Ебу Ваар во времето кога беше притворен во израелски затвор, 10 ноември 2020 година, Арида рече дека другите причини за копањето на тунелот се трагичните услови во затворот, ужасната состојба на затворениците, лошите услови за изолација и неспроведувањето на барањата од штрајкот на затворениците од 2017 година.
Наведувајќи дека затворениците тунелот го нарекле „Пат кон Ерусалим“, Арида рече:
„Оваа победа [бегство] ја посветувам на шехидите Мухамед ал Ешгар, Кемал Ебу Ваар и движењето на затворениците, кои станаа шехиди за време на сузбивањето на бунтот во затворот „Негев“ на 21 октомври 2007 година.“
„Оваа акција ја посветувам на отпорот, на арапскиот и исламскиот народ, на слободните луѓе во светот и на Газа за покажаната лојалност кон затворениците“, нагласи Арида.
Махмуд Арида, упатувајќи поздрав до градот Араба и неговите жители, рече: „Ја пренесовме нашата порака до целиот свет дека сме бранители на слободата и правата, дека сме угнетени и дека светот треба да стои покрај нас за да се ослободи нашата земја.“
- Зандана без вода -
Во својата порака, Мухамед Арида (39) ги опишува некои од условите во ќелиите каде што е задржан откако бил повторно уапсен.
„Во истата ќелија ме држеа 9 дена по 24 часа. Ќелијата нема ништо друго освен sидови. Не гледав никого, за вода и други потреби се упатував кон малиот прозорец на затворската ќелија“, рече Мухамед Арида.
Во неговата порака до оние кои го коментираа неговото бегство, Мухамед Арида нагласи: „Она што го правиме е наше легитимно право. Јас сум затворен овде против мојата волја. Не ги прифаќам вашите закони.“
Тој исто така додаде: „Условите во ќелијата се многу тешки, многу е студено. Ја немам сменето првата облека што ми ја дадоа откако бев повторно уапсен.“
Меѓу другото, Арида одговори и на тоа што Израел го опишува како „терорист“.
„Јас не сум терорист, но вие сте окупатор. Вие вршите тероризам против нас, палестинскиот народ, а ние се браниме“, рече Арида.
Испраќајќи поздрави до Палестинците кои живеат во Израел и кои се во солидарност со него и до луѓето од Западниот Брег и Газа, Арида упати поздрав до арапскиот и исламскиот свет и нагласи дека ја следи нивната солидарност.