Erbil Başay
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека целта им е Русија да не победи во војната против Украина и Киев да биде успешен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц во говорот во Бундестагот изјави дека Европската Унија (ЕУ) во последните години надминала голем број потешкотии и кризи.
Укажувајќи на војната меѓу Русија и Украина, Шолц наведе дека оваа војна несомнено е најголема од сите потешкотии и дека ЕУ за тоа прашање дејствува одлучно и единствено.
Тој порача дека на Украина ѝ е потребно да ѝ се пружи помош во оружје.
„Помагањето на земјата што е брутално нападната за да се одбрани придонесува за одвраќање на нападите и ставање крај на насилството што е можно поскоро“, рече германскиот канцелар.
Говорејќи за важноста на трансатлантскиот сојуз, Шолц изјави дека Русија не би требало да победи во војната против Украина.
„Сите имаме една цел. Русија не смее да победи во оваа војна, Украина би требало да биде успешна“, изјави тој.
Шолц, исто така, повтори дека германската Влада нема да направи ништо за да дозволи НАТО да стане страна во оваа војна.
Напоменувајќи дека војната на Русија против Украина ги поттикнала другите земји да размислуваат за својата безбедност, Шолц потсети дека многу држави уште повеќе вложуваат во својата одбрана.
Тој истакна дека Германија ќе ги зголеми вложувањата во својата одбрана.
„Ќе обрнеме внимание на една работа. Нашите одбранбени системи и инвестиции мора да бидат координирани низ Европа“, изјави тој.
Шолц изјави дека технолошките можности треба да се користат координирано и дека европската одбранбена индустрија треба посилно да соработува.
Нагласувајќи дека обновата на Украина по завршувањето на војната би можела да чини милијарди евра, Шолц побара во ЕУ да се покренат прелиминарни активности за воспоставување фонд за солидарност за таа намена.