Barış Seçkin
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
РИМ (АА) - Италијанскиот премиер денеска изјави дека во јули ќе ја посети Турција за билатерални разговори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање во Парламентот за последните случувања во Украина, Марио Драги го повтори ставот на Италија против руската војна во Украина.
Тој рече дека не е одржан меѓувладин состанок меѓу Италија и Турција веќе 10 години, додавајќи дека неговата посета ќе се случи на почетокот на јули.
Премиерот рече дека за време на неговата посета двете страни ќе разговараат за дипломатските напори за ставање крај на конфликтот во Украина и зајакнување на билатералните односи.
Во врска со наводните воени злосторства извршени од страна на руските сили во Украина, италијанскиот премиер рече дека ја понудил италијанската поддршка за истражување на овие тврдења откако во Украина беа пронајдени масовни гробници.
Осврнувајќи се и на зголемената активност на НАТО во неговото источно крило, Драги нагласи дека покрај 2.500 италијански војници во Источна Европа, Италија ќе испрати уште 1.000 војници во Унгарија и Бугарија.
Тој, исто така, рече дека се размислува Италија да испрати систем за противвоздушна одбрана во Словачка.
Драги ја повтори поддршката на неговата земја за членство на Шведска и Финска во НАТО.