Fuat Kabakcı,Behlül Çetinkaya
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Михаил Подољак, советникот на Кабинетот на украинскиот претседател, по преговорите помеѓу руската и украинската делегација во Истанбул, Турција, истакна дека резултатите од денешната средба се доволни за состанок на лидерско ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Подољак по завршувањето на преговорите во Истанбул рече дека како резултат на денешниот состанок дошле до ставките до кои и Русија и земјите гаранти можат да ги прифатат.
„Резултатите од денешниот состанок се доволни за средба на ниво на претседатели“, рече тој.
Подољак додаде дека активностите околу преместувањето на воените единици ќе бидат завршени по форматот предложен од украинската делегација во врска со хуманитарниот прекин на огнот и отворањето на коридорот.
Истакна дека на лидерите на двете земји им е потребна јасност во преговорите за да се договори евентуална средба.
Нагласи дека Украина херојски се бори на фронтот во војната што ја започна Русија и покажала дека постоечките безбедносни формати не функционираат.
„Затоа, врз основа на нашите предлози може да се воспостави нов безбедносен систем. Многу земји на крајот го прифаќаат тоа“, додаде Подољак.
Напомена дека руската делегација била конструктивна, но дека разговорите не напредувале лесно.
„Херојската борба на украинскиот народ покажува дека е потребен нов безбедносен формат за да не се повторат вакви војни“, рече тој.
Подољак, исто така, рече дека претседателот на Украина, Владимир Зеленски, тоа константно го говорел во своите обраќања до парламентите и претседателите на странските земји и дека е прв што направил чекор кон нов безбедносен систем.
„Сакаме светот тоа да го разбере. Сегашниот безбедносен систем мора да се промени“, рече Подољак.
Во Истанбул, Турција, заврши средбата на преговарачките делегации на Русија и Украина. Состанокот се одржа во претседателскиот кабинет во Долмабахче.
Неколку рунди преговори помеѓу Русија и Украина се одржаа во Белорусија досега, вклучително и видеоконференција на 14 март, но без постигнати конкретни резултати.
На 10 март, Турција беше домаќин на министрите за надворешни работи на Русија и Украина во Анталија, средба на највисоко ниво на двете земји од почетокот на војната на 24 февруари.