Jeyhun Aliyev
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
АНКАРА (АА) - Повеќе од половина милион Украинци се насилно однесени во Русија, изјави денеска украинскиот претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се пред Парламентот на Естонија преку видеоконференција, Владимир Зеленски тврдеше дека Русија има за цел да ги одведе раселените Украинци во оддалечените региони на Русија, одземајќи им ги сите лични работи, документи и конфискувајќи им ги мобилните телефони.
„Денес, повеќе од 500.000 Украинци се насилно раселени. Замислете колку е тоа! Ова е како окупаторите да си поставиле, извинете за примерот, цел да ги депортираат сите луѓе од Талин. Целиот град - беше и сега таму не е никој. Третина од сите ваши граѓани“, рече тој.
Зеленски потоа рече дека руските сили исто така сакаат да ги одвојат украинските деца од нивните семејства, дозволувајќи им на Русите незаконски да ги посвојуваат. „Обидите за враќање во Украина се попречувани на секој можен начин“, додаде тој.
- Нов пакет санкции -
Зеленски рече дека меѓународните институции со мандат да го поддржуваат мирот не биле во можност да ја запрат руската агресија.
За воведувањето дополнителни санкции против Русија, тој рече: „Ве повикувам конечно да додадете нафта во пакетот санкции. Потребно е ембарго на ниво на целата ЕУ.“
Тој, исто така, ја покани Естонија да ги истражи „воените злосторства на Руската армија“ на украинска територија.
„Воените злосторства вклучуваат егзекуција на цивили, тортура, силување, минирање на болници, бомбардирање на породилишта, палење магацини со храна, артилериско гранатирање на засолништа во кои се кријат деца“, тврди тој.
„Не постои злосторство што руските војници не го извршиле во 49-те дена од оваа инвазија.“
- Забранета муниција -
Украинскиот претседател рече дека руските сили ги користат „сите видови артилерија, ракети и воздушни бомби во станбени области и повторно цивилна инфраструктура. Особено фосфорни бомби и друга муниција забранети со меѓународното право“.
„Ова е очигледен терор врз цивилното население“, рече тој.
„Тоа е обид да се скрши моралот на народот, да се покорат Украинците со генерации или едноставно да се уништат“, додаде.
Тој повтори дека Украина мора да добие статус на кандидат за членство во ЕУ во блиска иднина.