Özlem Kılıçarslan
12 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денес порача дека Германија го поддржува иранскиот народ во неговата борба за слобода и правда, и дека ја смета иранската Влада за одговорна за бруталноста на безбедносните сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Мојата порака до демонстрантите и до граѓаните со ирански корени овде во Германија е оваа: ние се залагаме за сето она за што повикувате - за човековите права и за правата на жените. Ние стоиме рамо до рамо со иранскиот народ“, истакна Шолц во видеопораката објавена на неговата официјална веб-страница.
„Учениците, студентите, мајките и татковците, бабите и дедовците, сите тие се борат на улиците за поголеми слободи и правда... во нивната земја Иран. Овде, во нашата земја, едвај можеме да замислиме колку храброст е потребна за тоа“, додаде тој.
Шолц говореше за тековните масовни протести во Иран што траат од средината на септември, по смртта на Махса Амини, која беше уапсена од полицијата за морал во земјата поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување.
Германскиот лидер истакна дека е „јасно дека иранската Влада е единствено одговорна за овој бран на насилство“.
„И потсетувам на фактот дека Иран е земја членка на Обединетите нации. Иран се обврза да ги поддржува и да ги штити човековите права. Ова е мерилото според кое го мериме работењето на иранското раководство.“
„Повикуваме на итен прекин на насилството! Повикуваме на ослободување на политичките притвореници и на затворените новинари“, рече канцеларот.
Говорејќи за плановите на ЕУ за нови санкции против Иран како одговор на бруталното задушување на протестите во оваа блискоисточна земја, Шолц се заложи „да продолжи да го засилува притисокот врз [Исламската] Револуционерна гарда и политичкото раководство“.
„Ги поддржуваме напорите за собирање докази за да можат сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Сакаме свикување специјална седница на Советот за човекови права на ОН. Фокусот да биде на истрагата за кривичните дела на иранскиот режим“, додаде тој.
Шолц, исто така, ги отфрли заканите на иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Амир Абдулахиан, кој предупреди на последиците од ставот на Берлин кон Иран.
„На раководството во Техеран можам само да му го кажам ова: каква влада сте ако пукате во сопствените граѓани? Оние кои се однесуваат на таков начин мора да очекуваат од нас негативна реакција“, рече германскиот канцелар.
Инаку, Шолц се соочи со критики од јавноста во последните недели поради молкот во врска со репресијата на протестите во Иран.