Ekipa
12 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Брод за крстарење со околу 800 патници позитивни на Ковид-19 се закотви денес во Сиднеј, Австралија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Маџестик принцес“, со приближно 4.600 патници и членови на екипажот, се врати од Нов Зеланд по 12-дневно крстарење, а околу 20 отсто од патниците се позитивни на Ковид-19, јави „Скај њуз“.
„800 луѓе се потврдени ковид-случаи, а повеќето од нив се патници“, објави „Скај њуз“, цитирајќи ја Маргерит Фицџералд, претседателка на компанијата за патувања „Карнивал Австралија“.
Таа додаде дека повеќето од нив имаат благи симптоми и дека биле изолирани во своите кабини.
Според телевизијата, властите им дозволиле на патниците позитивни на коронавирусот да се симнат од бродот по нивното пристигнување и ги советувале да не користат јавен превоз до дома.
„Работиме со сите гости кои се тестирани позитивни на Ковид-19 за да им помогнеме да дојдат до приватен превоз и сместување за да го завршат нивниот период на изолација“, рече Фицџералд.
Австралиската држава Нов Јужен Велс веќе се соочува со нов бран на Ковид-19, со 974 пациенти во болниците и над 7.000 пријавени случаи оваа недела.