Ahmed Asmar
07 Април 2025•Ажурирај: 12 Април 2025
АНКАРА (АА) - Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, предупреди дека врз сите здравствени центри во Газа постојано се извршуваат напади во текот на смртоносната израелска офанзива на територијата, јавува Анадолу.
Во соопштение по повод Светскиот ден на здравјето, Лазарини изјави дека здравствените работници во Газа ги убиваат и повредуваат.
„Здравствените центри постојано се напаѓаат. Основните медицински и здравствени материјали се при крај“, рече тој.
„Медицинскиот персонал е исцрпен затоа што тие непрекинато ги посветуваат своите животи на заедницата и повредените. Постојано мора да донесуваат тешки одлуки за тоа чии животи ќе ги спасат“, додаде Лазарини.
„Два милиона луѓе живеат со траума и шок, борејќи се со невидливите рани врз менталното здравје“, потенцираше тој.
На 18 март израелската армија ја обнови смртоносната офанзива во Газа, со што го прекрши јануарскиот договор за прекин на огнот и за размена на заробеници. Оттогаш се убиени речиси 1.400 луѓе, а над 3.400 се повредени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа поради напорите за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Во бруталните израелски напади врз Газа од октомври 2023 година досега убиени се повеќе од 50.700 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.