Aida Cako
07 Април 2025•Ажурирај: 08 Април 2025
ТИРАНА (АА) - На премиерот на Албанија, Еди Рама, во Израел му е врачен претседателски медал на честа што му го додели претседателот на Израел, Исак Херцог, јавува Анадолу.
По средбата и доделувањето на наградата, Рама изјави дека медалот го смета за вистинско признание за Албанците кои не им предале ниту еден Евреин на нацистите.
Рама зборуваше и за израелско-палестинскиот конфликт, при што посочи дека Албанија секогаш го поддржувала решението со две држави.
„Оваа извонредна чест (медал) не може да биде само за мене, но јас ја прифаќам во името на Албанија, во името на албанскиот народ и, пред сè, во името на сите муслимански и христијански Албанци кои се ставија себеси и своите животи во ризик во најтемните часови на модерната историја и ја претворија мојата земја во единствена земја во Европа што ја заврши Втората светска војна со повеќе Евреи отколку на почетокот“, рече Рама.
Рама нагласи дека прават сѐ што можат за да го кренат својот глас против антисемитизмот и додаде дека градат два еврејски центра, еврејски музеј во Валона и еврејски културен центар во Тирана.
„Сакаме да им дадеме простор на сегашноста и на иднината и сакаме да имаме односи со Израел и еврејскиот народ колку што е можно повеќе, почнувајќи од туристите“, истакна Рама.
Херцог рече дека израелскиот претседателски медал на честа им оддава почит на оние што го просветлиле светот со нивното извонредно лидерство, морална јасност и демократски вредности и оние што го покажале своето храбро пријателство со еврејскиот народ и државата Израел.
„Албанскиот народ беше симбол на честа и храброста. Со својата храброст им даде засолниште на жените и мажите Евреи кои бегаа од другите делови на Европа и на тој начин помогнаа да се заштити и зачува човештвото од најголемите злосторства“, рече тој.
Херцог рече дека врската меѓу двете земји се продлабочува во многу области и сфери и додаде дека новиот директен лет меѓу Тирана и Тел Авив во голема мера го поедноставува патувањето и ја олеснува директната размена.