Şenhan Bolelli
27 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
МАДРИД (АА) - Генералниот секретар на Светската туристичка организација (СТО), Зураб Пололикашвили, изјави дека Истанбул, Доха и Дубаи ќе бидат водачи на пилот-проекти во туризмот по епидемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Пололикашвили преку видеоконференција одговараше на прашањата на странските новинари во Шпанија, и во таа пригода се осврна на влијанијата на Ковид-19 во областа на туризмот.
Нагласувајќи дека туризмот е еден од секторите кои е најмногу погоден од Ковид-19, Пололикашвили рече дека во одредени региони ќе бидат започнати разни пилот-проекти.
Тој соопшти дека кон крајот на јуни и во текот на јули аеродромите во Истанбул, Доха и Дубаи ќе бидат отворени за меѓународни летови и дека тие ќе станат јазли (центри за воздушна комуникација), а ќе започнат со околу 50 директни летови.
Нагласи дека Турција, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во изминатите 15 години оствариле успешни вложувања во туризмот, и дека во голема мера предничат на полето на иновациите.
„Овие земји ќе бидат лидери на пилот-проекти. Се надевам дека во регионот ќе има проекти кои ќе ни дадат надеж и можност повторно да го активираме и да го оживееме туризмот. Постепено, сите можеме да се вратиме во нормала“, рече Пололикашвили.
Додаде дека е против тоа Шенген зоната да ги отвори своите граници, а притоа да не ги отвори кон Турција, потенцирајќи дека Ковид-19 ќе биде причина за голема неизвесност.
„Во моментов затворени се границите на 150 земји. На пример, за време на подготовките за отворање на туризмот, против сум шенген земјите да ги отворат своите граници едни кон други, а да не ги отворат кон Турција. Јас нема да бидам во таква политика. Турција е многу важна земја и претставува средиште“, рече Пололикашвили.
Истакнувајќи дека Европа има историско значење во областа на туризмот, Пололикашвили потсети дека Шпанија, Италија, Франција, Турција и Грција спаѓаат меѓу 10-те земји во светот кои примаат најголем број туристи.
Нагласи дека сега во туризмот е важно да се дејствува заеднички, а не поединечно.
„Одвреме навреме доаѓа до хаос поради правилата кои ги усвојуваат земјите. Секогаш настојуваме да обезбедиме координација, комуникација и ред меѓу државите“, рече Пололикашвили.