Beyza Binnur Dönmez
27 Мај 2020•Ажурирај: 27 Мај 2020
АНКАРА
Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати закани дека ќе ги 'затвори' платформите на социјалните медиуми откако Твитер ги провери фактите за неговите две објави, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Републиканците сметаат дека платформите за социјални медиуми тотално ги замолчуваат гласовите на конзервативците. Ние силно ќе ги регулираме или ќе ги затвориме, пред да можеме некогаш да дозволиме тоа да се случи“, напиша Трамп на Твитер.
Тој ги даде неговите забелешки еден ден откако Твитер ги обележа неговите два твита, што беа оценети дека шират лажни тврдења.
Претседателот тврди дека ваквите платформи за социјални медиуми се обиделе со слична кампања за тој да ги загуби претседателските избори во 2016 година, додавајќи дека неговата администрација нема да дозволи слични напори за изборите во ноември.
„Видовме што се обидоа да направат тие и не успеаја во 2016 година. Не можеме да дозволиме да се случи пософистицирана верзија за тоа“, рече тој.
Трамп го критикуваше гласањето преку пошта, велејќи дека неговата администрација нема да дозволи измами, фалсификување и кражба на ливчиња.
„Не можеме да дозволиме гласањето преку пошта во голем размер да се вкорени во нашата земја. Тоа им дава слобода на сите да мамат, фалсификуваат и крадат гласачки ливчиња. Кој најмногу измами, ќе победи. Како и социјалните медиуми. Однесувајте се подобро. Сега“, изјави тој.
Демократите вршат притисок да се прошири гласањето преку пошта, за да можат да се почитуваат мерките за социјално дистанцирање среде пандемијата на Ковид-19, но таквата идеја предизвика критики од страна на Трамп.
Еден од твитовите на Трамп на кои беше поставено обележување гласи: „Нема шанси гласачките ливчиња преку пошта да бидат ништо помалку од измамнички и ќе доведат до ’лажирани избори‘.“
Твитовите на претседателот се фокусираа пред сè на напорите на Калифорнија да го прошири гласањето преку пошта поради новата пандемија на коронавирусот. Кога корисникот на Твитер ќе ја види оваа објава, под неа стои линк од Твитер на кој пишува „Факти за гласањето преку пошта“.
Трамп го критикуваше Твитер, обвинувајќи ја компанијата за мешање во изборите на САД во 2020 година.
„Она што го прават од Твитер е ужасно. Ќе ви кажам што, тие треба да се тужат“, изјави Трамп за „Фокс бизнис нетворк“ (Fox Business Network) минатата година.