Ata Ufuk Şeker
16 Септември 2024•Ажурирај: 18 Септември 2024
БРИСЕЛ (АА) - Членот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ) одговорен за внатрешниот пазар, Тиери Бретон, поднесе оставка откако претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во новиот период побара од Франција нов претставник наместо него, известува Анадолу.
Бретон на својот профил на социјалната мрежа X го сподели писмото за оставка што ѝ го пратил на претседателката на Комисијата на ЕУ, Фон дер Лајен.
Потсетувајќи дека Фон дер Лајен во јули побарала имиња на кандидати од земјите членки кои ќе бидат во Комисијата за периодот 2024-2029 година, Бретон навел дека земјите што планираат да продолжат со своите досегашни членови не треба да номинираат двајца кандидати, бидејќи еден кандидат е доволен.
Посочувајќи дека францускиот претседател Емануел Макрон го номинирал за уште еден мандат во јули, Бретон истакна:
„Пред неколку дена, во последната фаза од преговорите за идната комисија, побаравте Франција да го повлече моето име од лични причини“.
„Ниту еднаш не се сретнавте директно со мене. Се тврди дека на Франција сте ѝ понудиле поефективно портфолио во иднина како политичка размена. Сега ќе ви биде понуден друг кандидат“, вели Бретон во својот коментар, додавајќи дека по последните случувања, се појавиле контроверзни елементи на управување.
Во писмото Тиери Бретон вели:
„Дојдов до заклучок дека повеќе не можам да ги извршувам своите должности како член на Комисијата. Од таа причина веднаш поднесувам оставка како член на Комисијата на ЕУ.“
Бретон управуваше со важни досиеја во Комисијата на ЕУ, како што се индустриската политика, инвестициите во одбраната, правилата за внатрешниот пазар и дигиталните платформи.
- Предупредување до Илон Маск
Бретон испрати заканувачко и предупредувачко писмо до Илон Маск пред разговорот со поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп да биде емитуван на платформата за социјалните медиуми X.
Маск на својот профил на социјалната мрежа X осврнувајќи се на Бретон, сподели видеоснимка со саркастични изрази, и изјави дека вака сакал да одговори, но никогаш нема да се однесува толку „грубо и неодговорно“.
По ваквиот развој на настаните, Комисијата на ЕУ објави дека Бретон не се координирал со Урсула фон дер Лајен или со членовите на Комисијата во врска со писмото до Маск, дека немало договор по ова прашање и дека Бретон дејствувал сам.
Бретон, исто така, имаше споделено објава во која истакна дека Фон дер Лајен не добила многу голема поддршка во трката за претседател на Комисијата на ЕУ на конгресот на Европската народна партија (ЕПП), партијата од којашто била номинирана.
Се очекува Фон дер Лајен да ја објави листата што ја подготви за членови во Комисијата во нејзиниот втор мандат во текот на оваа недела.
Секоја земја членка има по еден претставник во Комисијата на ЕУ.