Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
26 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
ТОКИО (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, укажа на важноста на земјите како Туркије, Јапонија, Бразил и Индија во мултиполарниот свет и рече дека моменталниот меѓународен систем не успева да одговори на тековните проблеми, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оживувањето на Азија ја смени глобалната рамнотежа. Пандемијата, климатските промени, миграцијата, тероризмот и енергетските и прехранбени кризи се глобални проблеми на човештвото. За жал, сегашниот меѓународен систем не успева да одговори на нив“, нагласи Чавушоглу на прес-конференцијата во Токио, главниот град на Јапонија.
Тој истакна дека сегашниот систем го разоткрива патот на конкуренцијата, а не на солидарноста и додаде дека таквата конкуренција е очигледна за време на пандемијата на Ковид-19, како и по прашањето за миграциите.
„Во такви епохи, глобалните актери мора да го застапуваат здравиот разум, дијалогот и дипломатијата. Туркије активно води таква надворешна политика“, рече Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија исто така изјави дека Туркије за прашањата поврзани со Украина, Босна и Херцеговина, Кавказ, Либија и Сирија води активна политика што дава резултати во корист на целиот свет.
„И мека и тврда моќ мора да се користи во справувањето со кризи“, рече Чавушоглу, велејќи дека можноста да се разговара со Истокот и Западот е важна предност за Туркије.
Тој додаде дека Туркије, како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, е еден од ретките актери кои успеаја да имаат активни односи со Русија и Украина.
Што се однесува до односите со Туркије и Јапонија, Чавушоглу ги поздрави долгогодишните билатерални односи, потврдувајќи ја подготвеноста на својата земја дополнително да го зајакне стратешкото партнерство меѓу Анкара и Токио.
„Гледаме голем потенцијал во областите како што се одбранбената индустрија, енергијата, науката и технологијата“, додаде турскиот министер за надворешни работи.
Чавушоглу пристигна во Токио доцна синоќа за да присуствува на државниот погреб на јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој беше убиен во атентат на предизборен митинг во западниот јапонски град Нара.
Безбедносните агенции на Јапонија се ставени во состојба на готовност, а над 18.000 полицајци ја чуваат локацијата во Токио каде повеќе од 30 странски официјални претставници ќе му оддадат почит на поранешниот лидер на владејачката либерално-демократска партија.
Меѓу странските гости се и потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, премиерите на Австралија, Индија, Јужна Кореја и Камбоџа и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.
Значителен дел од јавноста во Јапонија ги критикува организаторите на државниот погреб затоа што од буџетот се потрошени околу 11,6 милиони долари.