Levent Tok,Ömer Koparan,Mohamad Misto
24 Април 2018•Ажурирај: 25 Април 2018
ИСТАНБУЛ/АЗАЗ (АА) - Силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад извршуваат интензивни напади на дел од кампот Јермук, кој е под контрола на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Кампот е населба на површина од 16 квадратни километри и се наоѓа на јужниот дел на периферијата на Дамаск, а претставува дом за голем број палестински бегалци.
По заземањето на Источна Гута, режимските сили во четвртокот покренаа напади на Јермук.

Локални извори за АА изјавија дека режимските сили за пет дена извршиле повеќе од 300 воздушни напади на тоа подрачје. Формиран е евакуациски коридор за терористите на ДЕАШ.
Податоците на Акциската група на Палестина покажуваат дека од почетокот на операцијата на Јермук биле фрлени 336 барел-бомби и 1.150 проектили. Загинаа најмалку 20 палестински бегалци.
Западниот дел од осум квадратни километри е под контрола на ДЕАШ, а источниот од седум квадратни километри е под контрола на Слободната сириска војска (ССВ).
Дел од еден квадратен километар е под контрола на антирежимската вооружена група Хејат Тахрир ал- Шам.
Во подрачјето под контрола на ДЕАШ живеат околу 2.500 семејства, од кои поголемиот дел се Палестинци.
На подрачјето под контрола на ССВ под опсада живеат околу 100.000 цивили.
„Сакаат да ги напуштиме нашите куќи. Не сакаме да одиме. Тука ги израснавме децата, да можат да се вратат во Палестина. Навикнавме на сè, на глад, на жед, на живот без електрична енергија. Некогаш тука живееја 750.000 лица. До 2010 година нашиот регион можеше да парира на Дамаск кога станува збор за трговија и производство“, смета 65-годишната Ум Фида, која живее на подрачје под конрола на опозицијата.